Битола накитена и распеана за Новата година


 

БИТОЛА – Битолчани по вторпат се подготвуваат за градски дочек на Новата година пред платото на Офицерски дом со одлично осмислениот проект „Зимска приказна“.

Центарот на збиднувањата не случајно е обновениот Офицерскиот дом, иако во исто време внимание е посветено и на празнично украсените Широк Сокак и Старата битолска чаршија. Преубава елка е поставена пред самиот влез на грандиозниот Офицерски, а идилата е надополнета и со секое накитено и осветлено дрвце од паркот.

Со доаѓањето на градоначалникот Тони Коњановски, новата локална власт ја создаде „Зимската приказна“, а со оглед на успешната реализација таа продолжува и годинава.

Од оваа сабота, па сѐ дочекот на Новата година за битолчани е подготвена предновогодишната и новогодишната програма која почнува од 11 часот претпладне и ќе трае сѐ до пред полноќ, со исклучок на дочекот на Новата година кога ќе се празнува се до 2 часот по полноќ.

„Зимската приказната“ содржи 62 проекти со 300 часови активна програма, музика од сите жанрови, различни театарски претстави за деца, улични перформанси, како и пратечка ДЏ програма низ битолските кафулиња. Новогодишен базар ќе има во официјалната програма која годинава ќе се случува на две локации, на празничиот плоштад пред Офицерски дом и на пешачката улица со калдрма кај Старата битолска чаршија. Предвидена е и ОФФ програма со музички перформанси на Широк Сокак и диџеи низ битолските кафулиња. 

На 27 декември со групата „Фонтана“ настапуваат и специјалните гости Џамбо Агушев, Даница Крстиќ, еден од најекспонираните вокали на Балканот, и Ангел Демирев – гитара.   

Новата  година битолчани ќе ја дочекаат со нашата „Љубојна“, Никола Зацески и група „Мелем“.

Празничното расположение во Битола веќе се чувствува, голема е раздвиженоста по продавниците за облека и обувки, а во кафеаните речиси секоја вечер има жива музика. Младите битолчани велат дека поубаво си поминуваат на предновогодишните забави по кафулињата отколку на дочекот на Новата година.

И јавите претпријатија под капата на општина Битола веќе интензивно работат на чистење и уредување на градот, „Комуналец“ секојдневно работат на чистење на дивите депонии во централното градско подрачје и Градскиот пазар. „Нискоградба“ веќе извесен период ги крпи ударните дупни по улиците низ градот. (А.Б.)