Битола како зимска бајка- со 57 проекти и над 60 часа активна програма ќе се пречека Новата година


Со голем концерт на битолчаните „Фолтин“, од четврток, 23 декември – па сѐ до новогодишниот дочек на 31 декември, платото пред неодамна реконструираниот Офицерски дом ќе биде претворено во празничен плоштад на кој 9 денови под отворено небо ќе се случува програма насловена како “Зимска приказна”.

57 различни проекти, во кои ќе настапат музички групи, редица ДЏ, театарски претстави, учесници на детски музички фестивали, а ќе се одржуваат и работилници во збирно над 60 часа активна програма, ќе ги анимираат битолчани во претпразнична атмосфера. Сите ангажирани учесници се избрани на јавниот конкурс кој го објави Општина Битола, неодамна кој побуди голем интерес, мотивирајќи ги сите локални артисти да се пријават, со цел да се поддржи нивната уметничка работа, особено во годината кога заради протоколите имаа ограничен број на ангажмани.

На оваа локација ќе имаат можност и малите бизниси, како што се занаетчиите, селектирана угостителска понуда и анимација да се промовираат, нудејќи придружна понуда која ќе асоцира на празници и славење.

“Изминаа 35 денови од преземањето на мандатот како градоначалник на Општина Битола и од старт, заради доаѓањето на празниците и заради ставот да гледаме реално на проблемите, а не да се луксузираме, со моите соработници си го поставивме ова прашање:

Дали Битола треба “да светка” во енергетска криза?

Секоја разумен човек, во вакви мигови треба да размислува рационално.

Оттука и одлуката, да се осветли едноставно и елегантно Широк Сокак со лед светилки и така да биде оваа година. А центар на збиднувањата да биде платото пред Офицерскиот дом кој ќе понуди и програма и начин за јакнење на локалните мали бизниси” – истакна градоначалникот на Битола Тони Коњановски синоќа на локацијата каде ќе се случува настанот пред новинарите.

Она што убедливо секоја година се коментираше меѓу граѓаните во предновогодишниот период, а тоа се вртоглавите суми со кои се обезбедуваше масовно украсување на градот кое се коментираше и заради немање естетика и стихијност без концепт, а и трошоци за програма за дочек на плоштад со ѕвезди од страна. 

Граѓаните низ годините ја потенцираа важноста од пренамена на средствата наменети за украсување и скапа програма за цели кои ќе бидат од општа корист. А украсувањето да биде со потребната доза на естетика за град како Битола. 

Прослави да има, граѓаните заслужуваат, но сумите да бидат разумни. Во листата на изведувачи покрај Фолтин се Паркети, Боеми, Ние запирка другарите, Фонтана и други, десетици битолски диџеи, Камерниот оркестар на Битола, Дувачкиот оркестар, актери, театарски претстави и редица други изведувачи.