Битола изгласа буџет од неверојатни 35 милиони евра
Опозицијата ја споредува големината на буџетот со рубриката „Верувале или не“, локалната власт вели дека тоа е одраз на фрустрацијата поради доброто работење
БИТОЛА – Битола доби буџет за 2021 година од неверојатни 35 милиони евра и најголем досега во историјата на градот (лани Буџетот изнесуваше речиси 32 милиони евра). Буџетот е усвоен, во него влегуваат дел од проектите кои се во завршна фаза, како Офицерскиот дом, стадионот, улици…
Нереален и предимензиониран е буџетот за 2021 година на Општина Битола, критикува советникот од опозициската ПОДЕМ, Николче Јанкуловски.
Според него многу проекти се за во рубриката „Верувале или не“.
Со изгласувањето на буџетот се поочигледно е дека во Битола почна и предизборната кампања за локалните избори што треба да се одржат наесен.
„Зошто Наташа Петровска и нејзините советници иако знаат дека капацитетот за обезбедување на приходи на општината е до 25 милиони евра, гласаат буџет од неверојатни 35 милиони евра? Ги лажат битолчани со тоа што во вештачки набилдани планови се вметнуваат што повеќе проекти, а потоа, заради фиктивните приходи кои само на хартија ги имаат, а најверојатно дека станува збор и за изборна година, не се бираат ни начин ни средства. Ветуваат проекти, најмногу во ставката други градежни објекти во износ, кој е за во рубриката ‘Верувале или не’, од цели 681 милиони денари“, критикува Јанкуловски.
Според него, и во овој буџет ја нема гасификацијата, го нема јавниот еколошки градски превоз, го нема ни планинарскиот дом „Копанки“.
Координаторот на советничката група на СДСМ, Методија Илиевски, вели дека во општина Битола сѐ што е предвидено во буџетот за 2021 година ќе се реализира, затоа што поголем дел од предвидувањата во овој буџет се базирани врз основа на веќе готови проекти или проекти кои што се во завршна фаза.
„Во завршна фаза е улицата ‘Илинденска’ која се реконструира после 30 години. Офицерскиот дом исто така е во завршна фаза, стадионот ‘Под Тумбе Кафе’ се гради со максимален интензитет“, рече Илиевски.
На провокациите за планинарскиот дом „Копанки“ Илиевски вели дека сѐ уште се води судски спор, а за гасификацијата се планирани средства онака како што ќе се движи развојот во наредните три години.
Спортскиот комплекс, зградата на противпожарната и сточниот пазар се проекти во изработка, наведува Илиевски.
Претседателот на Советот на Општина Битола Валентин Груевски вели дека опозициските обвинувања се празни за нереален или буџет кој нема да се исполни, бидејќи и самите знаат дека оваа локална власт за четири години ќе направи многу повеќе од претходната во 12 години.
„Не постои област во која имале подобри резултати. Битола го добива Офицерски, Стадионот, две нови детски градинки со капацитет од 280 деца, многу нови паркови, пречистителна станица и нов пат до Пелистер и до Буково, нов влез од страната на Довлеџик, пристапен пат до Хераклеја, нова куглана. Кога на сѐ ова ќе се придодадат одличните резултати во кошарката, ракометот, фудбалот за оваа година, тогаш разбирливи се фрустрациите што се јавуваат кај опозицијата и се поочигледниот пораз кој ќе го доживеат на локалните избори оваа година“, вели Груевски.
Од Општина Битола велат дека капиталните расходи, кои се однесуваат на изготвување проекти, изградба на улици и патишта, водовод, канализација, како и купување на мебел, опрема, возила и машини, имаат за цел подобрување на јавните услуги и подобрување на инфраструктурата во општината. (А.Б.)