Битола избегна да оди на вонредни избори за Советот

Советник од „Поинаку“ ја нарече „матни пари“ донацијата од Европската делегација за изградба на велопатеките во Битола


Претседателката на Советот , Габриела Илиевска, добир роза од градоначалникот Тони Коњановски, но потоа им ја врати на советниците од ВМРО-ДПМНЕ

 

БИТОЛА – Битолските советници, и покрај тензичната атмосфера ја изгласаа завршната сметка на Општина Битола за 2023 година. „За“ гласаа и СДСМ и независната листа „Поинаку“ и ВМРО-ДПМНЕ, само двајцата советници од Левица беа против. Со тоа беше избегнато распуштањето на Советот и потоа одење на вонредни избори за него. Изгледа, сега никому не му одговараше оваа опција.

Советникот од „Поинаку“  Иван Чулакоски ги нарече „матни пари“ донацијата од Европската делегација за изградба на велопатеките во Битола, на улиците „Партизанска“ и „Васко Карангелевски“. Габриела Илиевска, претседателката на Советот, која е дел од „Поинаку“, не реагираше на реториката на својот советник.

Чулакоски на денешната седница на Совет, обраќајќи се до советниците од ВМРО-ДМНЕ рече дека нема да го стават на дневен ред проектот „Смарт 4ју2“ во вредност од 400.000 вера. 

„И велосипедските патеки, ако се течеше по нормалниот, по регуларниот пат, да дојдеше градоначалникот и да речеше: ‘Луѓе, има пари едни ни стигаат за ‘Парк’ да ги пренамениме да поминиме на Совет’ – ќе гласавме. А не противзаконски отишол некој и потпишал таму анекс-манекс и сега притисоци правиме 10 пати точката на дневен ред е ставена. Па денес уште два пати. И што? Неќиме бе! Ќе направиме со наши пари, неќиме со тие, такви матни пари!“, рече Чулакоски од говорницата. 

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Бојкоски, го предупреди Чулакоски на говорот.

„Колега ‘матни пари’ од ЕУ, не знам? Мислам дека оваа изјава не ви беше добра“, рече Бојкоски.  

Чулакоски од советничката клупа довикна – „Нека ме тужат!“

Денешната седница помина тензично. Градоначалникот Тони Коњановски најави кривична пријава за претседателката Габриела Илиевска за кочење на проектите, па кажа дека Советот мора да работи во интерес на проектите на граѓаните, а тоа значи дека треба да се стават на дневен ред и да се изгласаат предложените точки со цел Битола да добие велосипедски патеки, да се изврши реконструкција на поранешниот ресторан „Парк“, да се изгласаат измените на програмите и да се овозможи непречено работење на јавните претпријатија.

„Блокадата на Битола од страна на Советот мора да запре, зашто градот мора да функционира. За да добие Советот шанса да гласа, потребно е прво точките да бидат поставени на дневен ред од страна на претседателката на Советот. Имајќи предвид дека и покрај доставувањето од општинската администрација, предлог точките не се ставени на дневен ред, сакам да ве известам дека, ќе поднесам кривична пријава против претседателката на Советот на општина Битола, заради кршење на деловникот и непостапување согласно Законот за локална самоуправа“, рече Коњановски од говорницата.

Претседателката на Совет Илиевска, завршната сметка ја изедначи со сметка во кафеана.

„Завршната сметка е еден технички документ, што дури и приватните фирми мораат да го достават на крајот од годината за да се има увид. Почитуван градоначалник, завршната сметка е исто како во кафеана ако одите на ручек а не сакате да си ја потпишете и истата сметка кога ќе биде усвоена или не, тоа не значи, дека некој нешто прифаќа. Доколку сте толку силни и сметате дека можете да освоите повеќе од 16 советници, дали денес сте подготвени од оваа говорница да си поднесете неотповиклива оставка од градоначалник и сите заедно да одиме на предвремени локални избори?“, рече претседателката на Советот, Габриела Илиевска.

На ова реагираше градоначалникот Коњановски велејќи дека равенството на завршната со кафеанска сметка е недопустливо.

Оставка од градоначалникот побара и од СДСМ.

„СДСМ и коалицијата ќе ја гласа завршната сметка, легитимитетот на Советот е жив и тука биле донесени важни одлуки од сите нас. Ќеф на одредени поединци нема да се случи“, рече советникот Методија Илиевски од СДСМ, велејќи дека прашањето дали законски работи Коњановски и одделенија во општина Битола не е надлежност на Советот, туку на други институции.

Коњановски пред почетокот на денешната седница им подели рози на советничките, честитајќи им го утрешниот празник, 8 Март. Розата ја зеде претседателката Габриела Илиевска и по три часа се попишмани и им ја врати на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кажувајќи дека од мажи, носители на јавни функции кои ја нарекуваат „исфрустрирана“ не сака цвеќиња.