Битола и Прилеп со бројни проекти аплицираат за поддршка од Владата


 Општина Битола достави 16 апликации со инфраструктурни проекти за финансирање по јавен повик објавен од Владата.

Проектните апликации потпишани од градоначалникот Тони Коњановски се со комплетно подготвена проектна документација и во вредност од над 4 милиони евра.

Станува збор за изградба и реконструкција на улици во должина од над 10 километри на територијата на цела општина, изградба и реконструкција на атмосферска и фекална канализациона мрежа во должина од 2,5 километри, како и водоводна мрежа во должина од околу 6 километри. Проектите опфаќаат и поставување на ново училишно осветлување, како и енергетски ефикасна фасада на едно основно училиште, соопштија од тамошната локална самоуправа.

Фото: Б. Богданосвска

Општина Битола аплицираше и за изградба на Центар за спорт и рекреативни активности, како и за санација на јужната трибина и поставување ограда околу фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“.

Денеска и Општина Прилеп ги поднесе планираните проекти до Министерството за локална самоуправа, кои се од особено значење за развојот на  градот и кои „очекуваме да бидат поддржани од Владата на Република Македонија. Овие проекти се дел од нашата визија за подобра инфраструктура и развој на општина Прилеп“!
 
Проектите вклучуваат изградба на кружен тек на улица „11-ти Октомври“, улица „Кеј 9-ти Септември“ и улица „Кеј 1-ви Мај“ (мост „Табана“), изградба на дел од улица „Победа“, од крстосница со улица „Александар Македонски“ до крстосница со улица „Павел Шатев“, реконструкција на постоечки водоводни линии во градска четврт Карабдалица, во централното градско подрачје.
 
Се предвидува и рееконструкција на дел од јавна површина со партерно уредување и поставување на урбана опрема во централното градско подрачје на Прилеп кај хотел „Скопје“.