Битола гради топловод, институциите ќе се приклучат, а граѓаните прво ќе ја погледаат цената

На топловодот ќе бидат приклучени 35 објекти, државни институции, судовите, полицијата, училишта, градинки, болницата, одредени загадувачи кои се греат на мазут. Потоа, мрежата ќе се разгранува низ градот кон станбените објекти


Изведбата на првата фаза од топловодот засега оди без проблеми

 

БИТОЛА – Битола гради нов топловод, со кој ќе се искористува отпадната топлинска енергија од РЕК „Битола“. Ова е проект кој градот го посакуваше 40 години, откако е изградена термоцентралата, и за битолчани е еднакво важен, како изградбата на РЕК „Битола“ и браната „Стрежево“. Топловодот е предизборно ветување на многу бивши власти во Битола.

Оваа зима сообраќајно значајни улици во Битола се ископани за поставување на системот на новиот топловод во градот. Работата на терен е видлива, а откако цевките од  комбинатот влегоа во градот, се работи на кракот кој води кон улицата „Партизанска“, додека вториот крак ќе биде кон улицата „Филип Втори Македонски“.

Она што се очекува првично е на топловодот да бидат приклучени 35 објекти, државни институции, судовите, полицијата, училишта, градинки, болницата, одредени загадувачи кои се греат на мазут и кои многу трошат за загревање. Потоа, мрежата ќе се разгранува низ градот.

Директорот на „Топлификација“ Горан Козаров за „Независен“ вели дека изградбата на топловодот до моментов се одвива според зацртаната динамика.

„Проектот ‘Топлификација’ на Битола во првата фаза, односно до пуштањето во функција на системот за греење во 35 државни и општински институции и претпријатија, е предвиден да заврши во три години. Во текот на грејната сезона 2025/2026 овие корисници треба да добијат парно греење од  РЕК ‘Битола’“, вели Козаров. 

Според него, јавната набавка за изградба на „Топлификација“ Битола е поделена на три фази, а се работи на првиот лот.

„Предвидени се 24 милиони евра, а се плаќа како што се изведуваат работите. Во вториот лот од јавната набавка се предвидува убод во турбините во РЕК ‘Битола’ и изградба на топлана пред Битола, односно станица за подгревање на водената пареа. Јавниот повик за овој лот сѐ уште не е објавен. Третиот, и најмалиот лот по вредност, се однесува на 35 потстаници кои треба да се монтираат во објектите за да може да прифатат загреаната вода во своите системи за парно греење“, објаснува Козаров.

Главно прашање за граѓаните на Битола е колку топловодот ќе биде економски исплатлив за нивниот семеен буџет, дали ќе плаќаат помали сметки за греење од досега, кога главно се затоплуваат на дрва и струја. Дали новиот топлински систем  ќе го намали загадувањето на воздухот во градот, со оглед на тоа што во зимските месеци Битола често е на врвот на листата на најзагадени градови во Европа? 

Битолчани со кои разговараше „Независен“ се поделени околу приклучувањето на топловодот, сѐ зависи од тоа дали во објектот во кој живеат има систем за парно греење или ќе треба да инвестираат.

„Во нашата зграда нема радијатори, допрва да копаме по становите – не знам? Не ми се верува, оти тоа е голема инвестиција, а знаете останати сме пензионери“, велат жители на зграда на улицата „Партизанска“.

Во новата населба Златен рид, становите веќе имаат радијатори, но на станарите не им е јасно кој ќе инвестира за топлинската енергија да стигне до нивните домови.

„Нашата зграда има систем за парно греење, но нема потстаница, носењето на топлинската енергија мора да биде преку помала топлана, а во нашата област тоа го нема. Ова би требало да биде инвестиција на ЕСМ или на станарите? Значи без секундарна мрежа кон зградите од топланата нема греење. Овде се илјадници евра во прашање и тешко дека без проект и инвестиција ние како станари во догледно време ќе имаме приклучување на топлификација“, велат станари од зградата „Аурум“.

Изградбата на проектот, кој ќе ги опфати и помалите општини Новаци и Могила, чини 46 милиони евра

 

Исплатливоста на топловодот е под знак прашање и за стручната фела по енергетика, особено заради најавите за исклучување на јагленот од производството на електрична енергија во РЕК „Битола“.

„За граѓаните да се приклучат на топловодот прво треба да се знае која би била цената за греење од квадратен метар корисна површина или од KWh потрошена топлинска енергија. Жално е што топлификацијата како проект не се реализира уште кога се градеше термоцентралата и жално е што не се успеа да се реализира пред десетина, дванаесет години, па до сега ќе користевме отпадна топлина од РЕК ‘Битола’ и тоа ќе беше евтино решение сѐ до 2030 година кога се очекува да се исклучи јагленот. Потоа системот би можел да продолжи да работи со изградба на нова комбинирана постројка за производство на електрична енергија и топлинска енергија која би користела поеколошко прифатливо решение (земјен гас, хидроген, комбинација на соларна инсталација со топлински пумпи, системи за складирање на енергијата и сл.)“, смета Горан Неделков, експерт за енергетика кој заедно со група експерти работи и на анализи за декарбонизира на системот за топлификација кој се гради во Битола.

Според Неделков „со тек на времето можеби еден од погорливите проблеми би бил и враќање на довербата кај граѓаните во делот на самиот систем, бидејќи ако треба да инвестираат за приклучок или за внатрешна инсталација прво треба да има поволни финансиски услови за тоа и грантови, потоа треба цената за греењето да е значително пониска од цената која сега ја плаќаат за да се исплати инвестицијата и да се гарантира за стабилност на системот, односно да не дојде луѓето да инвестираат потоа термоцентралата да се затвори без да се инвестира во нови технологии и сл. Значи процесот е комплексен и бара сеопфатен пристап“, смета Неделков.

И за самата „Топлификација“ засега не е јасно колкава ќе биде економската исплатливост од спроведувањето на топловодот. Тој важен момент засега се „компензира“ со еколошките придобивки.

Директорот Козаров вели дека „постојат неколку студии во врска со економската исплатливост на проектот кои се правени во различни временски периоди. Сите тие покажале дека Битола и битолчани ќе имаат не само економски придобивки од топловодот, туку уште поголеми се еколошките придобивки кои ќе ги донесе топлификација“.  

Анализата колку колективни и индивидуални објекти за домување би се приклучиле на системот е следна фаза од реализација на проектот.

„Пресметките за тоа во моментов се во тек. Мора да се има предвид фактот дека цената на парното греење од топловодот нема да биде фиксна и непроменлива, бидејќи системот работи на енергенси чија цена варира“, дециден е Козаров.

Засега е отворено и прашањето за колку ќе се намали загадувањето на воздухот со приклучувањето на институциите на топловодот, Козаров вели „не би можел да кажам“.

Тие податоци, според него ќе се базираат на потрошувачката за мазут што ја имаат во моментов институциите и влијанието што врз животната средина го има тој. За Козаров едно е јасно дека сите институции кои во моментов се загреваат на мазут, со приклучувањето на топлификацијата ќе немаат потреба од него

Топловодот го гради „Топлификација“ Битола, институција под капата на ЕСМ, каде во моментов има четворица вработени. Изградбата на проектот, кој ќе ги опфати и помалите општини Новаци и Могила, чини 46 милиони евра, од кои 39 милиони евра се кредит од КфВ банката, а 7 милиони евра се сопствени средства на ЕСМ. Како консултант во реализацијата на проектот се ангажирани австриската компанија „ Ic Consulenten“, а изведувачи на работите се „Гранит“ Скопје, „Рапид билд“ Куманово и „Атоменергоремонт“. За вториот лот понудите се во фаза на разгледување, а за третиот лот е во фаза на избор, по што фирмите кои ќе бидат ангажирани дополнително ќе биде објавени.