Битола гради куглана по европски стандарди и за меѓународни натпревари


За обновата на запуштената куглана во спортската сала ќе се потрошат 250 илјади евра

Битола е град со голема кугларска традиција. Пред четири денеции во градот имаше дури осум кугларски клубови. Обновата на запуштената куглана треба да го врати овој спорт и разонода на врвно место

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – На 15 години таа е државен првак во куглање. Битолчанката Тамара Талевска ја врати надежта во Битола, исто како пред четири децении, дека во градот можат да се создадат таленти за куглање. Таа е државен првак во кадетска категорија во куглање на последното Државно првенство што се одржа во мај минатата година во Скопје.

За Тамара, за нејзините врсници љубители на куглањето и за новите генерации со проект на Општина Битола целосно се  реконструира кугланата, сместена во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола. Средства се обезбедени преку  Агенцијата за млади и спорт со што ќе бидат вложени над 230 илјади евра.

Кугланата со реновирањето ќе добие сосема нов европски изглед, а крајниот рок за изведба на работите е во април в година, но ќе се направат обиди да се заврши до Нова година за кугларите да можат да ја започнат претстојната сезона.

„Ова ми е втора година како тренирам, а веќе освоив прво место на државно првенство. Спортот за мене значи искажување на самата себе, вложување во нешто што многу го сакам и ми значи. Почнав да тренирам кога почна проектот ‘Кугламе и сме среќни’ пред две и пол години. Сите започнавме да кугламе на шега и за дружење, но со текот на времето расте љубовта“, вели битолчанката Талевска.

Репрезентативците во куглање од градот Битола посакуваат со новата куглана да стане државен центар за куглање.

„Јас сум репрезентативец во Македонија, ете и од стариот клуб, од повозрасните имаме репрезенти за врвни натпревари, се надеваме дека реновирањето на кугланата во многу нешта ќе ги смени работите и Битола ќе стане центар не само регионален туку и државен натпревар за куглање. Секоја година четири месеци овозможено им е да куглаат бесплатно, а откако ќе се направи кугланата повторно ќе воведеме бесплатната обука зашто куглањето е урбан начин на живеење“, вели Пеце Димовски, тренер во КК „Пелистер 1982“.

Битола е град со кугларска традиција од минатото и целта на машкиот кугларски клуб „Пелистер 1982“ и женскиот „Пелистер“ ТС Холдинг е повторно градот да стане центар на куглањето.

„Реконструкцијата на кугланата е од пресудно значење, бидејќи без објект едноставно е невозможно да се развива спортот. И кугланата која беше направена во осумдесеттите години во бивша Југославија беше една од поубавите куглани, но со текот на времето таа пропадна и требаше да се реконструира. И еве сега после 40 години се реновира во целост и објектот, соблекувални, туш кабини и тоалети, а ќе се поставува и ултра модерна, германска кугларска опрема. Со ова нашата куглана ќе биде една од најдобрите на Балканот“, ни рече Игор Михајловски тренер во КК „Пелистер 1982“ и во „Пелистер“ ТС Холдинг.

Пред четири децении кога Битола ја доби првата куглана, градот имал 8 кугларски клубови и голем број работнички клубови од тогашните претпријатија „Фринко“, Транскоп“ и др.

„Битола беше град со традиција во куглањето, но со влегувањето во транзицијата сето тоа се уништи. Не се покажуваше ни грижа ни разбирање за објектот, некаде околу 2.000 година, се направи мала реконструкција, малку од малку да има некаква активност. Во текот на сите овие години во кугланата поминале преку 600 куглари, а можеби и повеќе, зборувам за активни. Најистакнати битолчани кои досега дали резултати во куглањето се Александар Соколовски, македонски репрезентативец на сениорската репрезентација, кој заедно со екипата постигнаа второ место на светско првенство. Исто и Андријана Кочишка со два бронзени медали, на големи светски првенства и други млади репрезентативци меѓу кои и Тамара“, вели Михајловски.

Претходно во старата куглана не можеа да куглаат деца под 14 години, но сега вели Михајловски, во новата куглана со новата опрема и малите кугли ќе можат да тренираат и деца од 8 години.

Проектот за кугланата го обезбеди Општина Битола преку јавното претпријатие за проектирање. Договорот за изведба е потпишан меѓу Агенција за млади и спорт и БВ Инженеринг, во вредност од 14,5 милиони денари.

Во моментот и покрај корана кризата изведувачот на градежните активности веќе работи во внатрешноста на уредувањето на соблекувалните и тоалетите.

Кугланата дополнително ќе биде лиценцирана и за меѓународни натпревари, велат од Општина Битола.

„Општина Битола сериозно ги помести условите за спортистите и рекреативците во градот. Нашата поддршка ќе продолжи и кон спортските клубови за кои досега сме исплатиле 1,3 милиони евра, а ако кон тоа се додаде и вложувањата во објектите, тогаш се доаѓа до сума од близу четири милиони евра за спортот во Битола со што оваа локална самоуправа покажа дека сериозно ја поддржува оваа област, рече меѓу другото градоначалничката Наташа Петровска.