Битола доби лабораторија за испитување на Ковид-19


За само два месеци по иницијативата Битола да добие лабораторија за испитување на Ковид-19, од денес во Центарот за јавно здравје во Битола е ставена во функција лабораторијата за молекуларна дијагностика, единствена од ваков вид во државата, надвор од Скопје. 

„Лабораторијата се отвори со донација на фабриката „Кромберг и Шуберт“ која набави апарат во вредност од 30.000 евра, а со согласност на градоначалнинчката и Советот на Општина Битола се доделија 10.000 евра, а потоа следуваа и други донатори. Центарот за јавно здравје е регионален центар и ги покрива општините Битола, Ресен, Кичево и Демир Хисар. Предноста ќе биде што кавалитетно и за многу кратко време ќе се добиваат резултатите што сега ги носиме во Скопје, па ги чекаме. Инаку е планирано да прерасниме и во регионален, што значи Прилеп и Охрид да ги тестираме овде. Имаме стручен кадар со два тима, двајца доктори и четири лаборанти кои ќе бидат во смени. Почнуваме со капацитет од 50 тестирања и со можност во иднина да го заголемиме капацитетот“, рече директорката на ЦЈЗ Елизабета Крстевска.

Градоначалничката Наташа Петровска упати благодарност до менаџерскиот тим и посочи дека изградбата и функционирањето на оваа лабораторија е доказ дека можат да се направат сериозни поместувања кога бизнис заедницата и локалната самоуправа делуваат синхронизирано.

„Во исклучително сезнитивен период кога се соочуваме со пандемија се отвора оваа лабораторија која е од исклучително значење за Битола но и за целиот регион зашто навременото согледување на ситуацијата и здравствената состојба е најдобрата превентива за да нема загрозување на други граѓани. Со самото тоа што овде ќе се изработуваат резултатит,е побрзо ќе ја имаме и севкупната слика на можни заболени на локално ниво“, рече Петровска.

Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, кој присуствуваше на отворањето на регионалниот центар за тестирање од Ковид-19, ја посочи важноста на лабораторијата, со оглед на фактот дека пандемијата на светско ниво ќе трае подолг период. 

„Во изминатиот период и централната и локалните власти покажаа навистина една висока одговорност во однос на заштита на здравјето на граѓаните и вакви иницијативи ќе има се повеќе во иднина, бидејќи е од јавен интерес и е од огромно значење на граѓаните“, истакна Павлески. 

Стандардите на Светската здравствена организација за изградба на ваков вид лаборатории се многу строги, а истите се целосно застапени во битолската лабораторија. Општина Битола доби специјална благодарница за придонесот на новата лабораторија.