Битола доби 22 контејнери за рециклирање стакло


Во Општина Битола се поставени 22 нови специјализирани контејнери за одложување на стаклена амбалажа.

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска и директорот на Јавното претпријатие „Комуналец“ Панде Богоевски, потпишаа договор за примопредавање на новите контејнери со претставник од Германското друштво за интернационална соработка преку Отворен Регионален Фонд за Југоисточна Европа – Модернизација на општински услуги (ГИЗ ОРФ ММС). Овој проект во Република Северна Македонија се реализира со поддршка на ЗЕЛС, на ПАКОМАК и на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).

„Соодветниот третман на отпад е исклучително значаен, а со тоа соодветно и на стаклениот отпад. Од денес во Битола се поставени уште 22 контејнери за стакло, со што нивниот број во градот е 80. Ваквиот начин на третман на отпадот претставува заштеда и на енергијата, бидејќи многу поголема заштеда има доколку стаклото се рециклира, отколку да се произведува од почеток. На овој начин се овозможува да не се фрлаат насекаде стаклените амбалажи. Она што го очекувам е подигната свест кај граѓаните, бидејќи сите ние соодветно треба да го третираме отпадот во соодветите контејнери, а со тоа и даваме добар пример и на помладата популација“, рече Петровска.

На потпишувањето на договорите присуствуваше и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ која информираше дека во рамките на Проектот учествуваат општини од три земји: Србија, Босна и Херцеговина и од нашата земја.

„Од нашата земја на почетокот на проектот беа избрани две пилот –општини:. Илинден и Штип, но по создадените услови ги приклучивме и општини: Гевгелија, Битола, Тетово и Град Скопје. Освен создавање на соодветна инфраструктура на специјални контејнери за депонирање на стаклена амбалажа и унапредување на собирањето на отпад од пакување од стакло, целта на Проектот е и да се развијат соодветни бизнис модели што ќе бидат применливи и во останатите единици на локалната самоуправа. Во сите општини, опфатени со Проектот ќе се мери количината на собраното стакло, со цел таа да биде зголемена, најмалку за 20% од досегашните количини“, посочи Перишиќ.

Општината планира и во иднина да обезбеди нови количини на контејнери за оваа намена, а со тоа уште повеќе ќе ја унапреди оваа услуга за граѓаните, односно да им овозможи во непосредното место на своето живеење да може да го депонираат овој отпад.

„Количината на 80 контејнери сепак сметам дека не е доволна, бидејќи во Општина Битола имаме и рурални места, кои што веќе го рециклираат отпадот. И во иднина ќе го прошируваме капацитетот на контејнерите за стакло. Но од друга страна нè радува што граѓаните веќе покажуваат свесност за рециклирање и преку специјалните контејнери кои ЈП „Комуналец“ ги постави, а се наменети, покрај стаклото, за рециклирање на хартија, пластика и органски отпад“, рече директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.

Општина Битола е една од 14 општини и градови во регионот во кој ќе се спроведуваат активности за унапредување на системот на собирање на стаклената амбалажа и адекватниот третман на овој отпад, во рамките на регионалниот Проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“. Проектот е финансиран од Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ) и компанијата ПАКОМАК (Македонија), во рамки на програмата за соработка со бизнис секторот DeveloPPP.de.