Битола: Бројот на потврдени позитивни случаи од корона намален за 50 отсто
БИТОЛА – Првите денови од новата година донесоа нови пооптимистички бројки за справувањето на битолчани со ковид кризата. Од Битолската клиничка болница велат дека за повеќе од половина е намалена бројката на ковид позитивни битолчани што отишле на преглед во Ковид центарот, а за речиси 20 проценти падна бројката на прегледи на суспектни на Ковид-19. Во декември се намали и бројот на хоспитализации, како и бројот на починати од компликации од вирусот. Сепак здравствените власти стравуваат од нов бран заради празниците и поголемата раздвиженост на граѓаните.
„Денеска имаме 35 хоспитализирани пациенти на Инфективното одделение во Битола. Оваа бројка е од пред Нова година а се задржа и сега. Во Тријажниот дел на Ковид центарот, каде се прегледуваат суспектни на Ковид-19, бројката на прегледи е намалена за 19 проценти од пред Нова година, додека во ковид позитивниот дел таа бројка е намалена за 51 процент. Сепак бројките се променливи на дневна основа и останува да видиме како ќе биде после 10 јануари“, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на Битолската клиничка болница.
Професорот Дејан Трајковски во денешната анализа за ковид состојбата во Битола вели дека во градот продолжува намалувањето на дневниот број на позитивни случаи, односно од просечниот дневен број на случаи од максималните 56, на почетокот на декември, опадна на само 10 на почетокот од јануари, што е намалување за 82 проценти.
Просечниот број на дневно починати исто така се намали од 3,3 (неделата околу 18 ноември) на само 0,57 последнава недела, што е намалување за 83 отсто.
„Од максималните 721 нови случаи за 14 дена на 100.000 жители на почетокот од декември дојдовме до само 182 на 100.000 жители на почетокот од јануари – намалување за 75 проценти. Доколку не беше второто скратување на работното време на кафеаните, падот ќе беше веќе подзабавен, но вака продолжуваме со истото темпо надолу“, вели проф. Трајковски.
Според него, слично како и на државно ниво, во последно време и во Битола започна извесно натрупување на незатворени активни случаи. Наместо да се затвораат автоматски после 10 дена (кај асимптоматските) и 21 ден (за симптоматските), односно пондериран просек од 18,5 дена, моментално се затвораат просечно после 24 дена. „Затоа имаме нереално висок број на активни случаи, дури 512, иако реалниот број е околу 324“, заклучува Трајковски.
Според Институтот за јавно здравје во Битола бројот на активни случаи е 512 од вкупно заболените досега 3.052. (А.Б.)