Битката за Словјанск може да ја одлучи оваа фаза од војната во Украина

Ако го освои Словјанск, тогаш Русија ќе има можност да примени доволно голем притисок да ги пробие украинските линии во Луганската област


 

По повлекувањето од околината на Киев и Чернихив на север кон Белорусија, руските трупи сега подготвуваат офанзива против источниот град Слoвјанск во обид да се поврзат со другите сили во регионот на Донбас, според најновата проценка на американскиот Институт за проучување на војната (ИСВ). Словјанск е наоѓа блиску до големиот регионален центар Краматорск и е недалеку од линијата на поделбата со двата сепаратистички региони во Украина.

„Напорите на руските сили кои напредуваат од Изјум да го заземат Словјанск најверојатно ќе се покажат како следната клучна битка на војната во Украина“, се вели во проценката на Институтот.

„Руските сили најверојатно имаат намера да ги отсечат украинските сили во источна Украина и ќе треба да го преземат Словјанск како минимален чекор за да го сторат тоа“.

Истражувачите од американскиот институт велат дека ако Русија успее да го окупира Словјанск, тогаш тоа ќе им даде можност на нивните војници или да се движат директно на исток за да се приклучат на другите трупи кои се борат во Рубижне, или да напредуваат кон Хорливка и Донецк за дополнително да ги опколат украинските борци.

Ако го освои Словјанск, тогаш Русија ќе има можност да примени доволно голем притисок да ги пробие украинските линии во Луганската област.

Меѓутоа, ако Русија ја загуби битката кај Словјанск, тоа ќе биде уште еден тежок удар за кампањата на Путин.

„Доколку руските сили не можат да го заземат Славјанск, руските фронтални напади во Донбас веројатно нема независно да ја пробијат украинската одбрана и руската кампања за заземање на целата област Луганск и Донецк најверојатно ќе пропадне“, велат од ИСВ.

Ова доаѓа во време кога руските трупи во Донбас се соочуваат со зголемени проблеми со снабдувањето, при што продолжените борби во тешки услови доведуваат до опаѓање на моралот.

„Руските напори да генерираат замени од резервисти и да ги дополнат оштетените единици од североисточна Украина во фронтални напади во источна Украина веројатно нема да ги зголемат нивните шанси за успех“, забележа ИСВ.

Руските трупи ги напуштија регионите Чернихив и Суми на север и „веројатно целосно ќе ги напуштат овие региони во наредните денови“. (Н.В.)