Битка со анкети: Во онаа на институтот на Владимир Божиновски води ВМРО-ДПМНЕ


Речиси во исто време кога денеска агенцијата „Брима“ објави дека податоците од нејзината анкета во која СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ со 3,6 отсто се точни, Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), каде програмски директор е Владимир Божиновски, соопшти сосема понакви податоци. Во анкетата на ИПИС поддршката на ВМРО-ДПМНЕ е 21,9 отсто, а за коалицијата на СДСМ и Беса 19,8 проценти.

Во соопштението на веб-страницата на ИПИС се вели дека институтот „спроведе кратко телефонско истражување од 2 до 5 јули 20120 година на 1.087 испитаници… во него беа запазени демографските специфики на населението“. Статистичката грешка изнесува+/-3 отсто.

Според оваа анкета, ДУИ има поддршка од 5,9 отсто, а коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива 4,2 отсто. На скалата се појавуваат уште и Левица со 1,3 проценти и ДПА со 0,9 отсто. Уште не знаеле за кого ќе гласаат биле 17,1 отсто од испитаниците, а не сакале да кажат 16,1 проценти.

И во рејтингот на довербата во предност е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со 19, 2 проценти, а по него е Зоран Заев со 17,6. Потаму се Али Ахмети со 6,5 и Зијадин Села со 3,9 отсто поддршка.