Битка меѓу проректори за прв човек на Битолскиот универзитет
БИТОЛА – Битолскиот универзитетот „Св. Климент Охридски“ ја почна постапка за избор на нов ректор со мандат од три години. Новата академска година наесен ќе стартува со ново раководството на универзитетот, а според наши извори во „рингот“ главни протагонисти се двајца проректори од тимот на актуелниот ректор проф. д-р Сашо Коруновски.
Заинтересираните треба до 10 мај да ги достават понудите, а на 1 јуни ќе се спроведе и гласањето за нов ректор.
Од универзитетот информираат дека „изборот на слободни непосредни и тајни избори ќе го вршат членовите на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците, односно членките на УКЛО-Битола. Кандидатот за ректор треба да е редовен професор и да предложи програма за работа и развој на универзитетот за мандатниот период од три години“.
Имињата на претендентите за нов ректор на Битолскиот универзитет, неофицијално веќе се вртат во академската јавност. Според наши извори, како најсериозни за оваа функција се споменуваат проректорот за наука проф. д-р Игор Неделковски, редовен професор на факултетот за Информатика и комуникациски технологии, како и проректорот за настава проф. Д-р Љупче Кочовски од Биотехничкиот факултет во Битола. Но во битката за ректорската фотелја битолските професори не се осамени, па се споменуваат и имињата на д–р Јове Кекеновски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид како и името на д-р Злате Димовски од Факултетот за безбедност.
Она што неофицијално се зборува е дека всушност изборот за нов ректор на битолскиот универзитет е битка за превласт меѓу двете најголеми политички партии, иако навидум политиката треба да стои далеку и настрана од образованието.
Проректорот Неделковски се смета за човек близок до СДСМ. Пред неколку години дури и беше говорник на партиски митинг во Битола кога на чело на партијата беше Зоран Заев. Додека на Кочоски му се забележува за блискост до ВМРО-ДПМНЕ. Тој своевремено беше декан на факултетот за Биотехнички науки кога ректор беше проф. Д-р Златко Жоглев, но поради извесна афера односно неправилности околу вработувања на Факултетот, што ја обелоденија медиумите беше тргнат од оваа позиција, па по извесен период пак вратен на неа.
Во 40-годишната историја на УКЛО-Битола биле избрани 12 ректори, а некои и по два мандата. (А.Б.)