Битиќи: Во третиот сет мерки ќе има грижа за секое домаќинство


Третиот сет мерки на Владата ќе биде единствен во новата историја на Македонија со кој ќе има грижа за секое семејство, изјави вечерва на Телма владиниот економски советник Фатмир Битиќи. „Тој ќе се грижи за приватната потрошувачка, ќе се грижи за секое домаќинство, ќе биде пакет мерки каков што прв пат направила една Влада во поновата историја на Македонија; толку сегментирано, структуирано за на сите да им го даде тоа што навистина им треба во овој момент“, изјави Битиќи.

Тој нагласи дека нема да биде заборавена ниту една категорија луѓе и дека тоа немало да биде крајот, дека владата ќе продолжи во заживувањето и рестартот на економијата.

Битиќи зборуваше и за лекарите и медицинскиот персонал околу можноста тие да бидат наградени за борбата против корона вирусот: „Ние соодветно ќе им се заблагодариме на тие што најмногу се заложија во одговор на кризата и се грижеа секојдневно без да воопшто мислат за својот живот туку за здравјето на секој граѓанин. Мислам дека оваа Влада, која што е достоинствена и којашто верува во своите граѓани, соодветно ќе се заблагодари, а како ќе биде тоа ќе слушнеме за некој ден“.