Битиќи: Со хармонизација на законодавството ги унапредуваме потрошувачките права на граѓаните


Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска во Брисел учествуваше на билатералниот состанок од Кластер 2, „Внатрешен пазар“, поточно на состанокот за Поглавјето 28 „Заштитата на потрошувачите и јавно здравје“.

Пред претставниците на Европската унија, Битиќи нагласил дека здравствената заштита и заштитата на потрошувачите претставуваат мултислојна област со огромна важност за секојдневниот живот на граѓаните и дека светскиот пазар би бил нефункционален ако потрошувачите не се соодветно заштитени од националните и меѓународните институции.

– Кога сум пред компјутер или кога го земам телефонот за да нарачам нешто од он-лајн продавниците, секогаш имам на ум дека има регулациони тела за сите регистрирани он-лајн продавачи и дека моите права на потрошувач се, и ќе бидат заштитени ако се случи некој проблем или измама за време на мојата нарачка, истакна Битиќи.

Вицепремиерот посочил дека ќе се направи усогласување на целото домашно законодавство со законите на ЕУ во делот на заштита на потрошувачите, со посебен акцент на зголемувањето на капацитетите на оперативните структури кои управуваат и вршат инспекција.

– Ќе вложиме многу повеќе напори во детална контрола на тутунот, ефикасно да ги спроведеме сите релевантни закони на ЕУ и конечно да го усвоиме и ратификуваме протоколот за елиминирање на недозволена трговија со производи од тутун. Ќе обезбедиме доволно финансиска поддршка за здравствените институции кои работат на специјализирано знаење за рано откривање на канцерот и ретките болести, базирајќи се на податоците од регистрите, рекол Битиќи.

Во обраќањето, Битиќи ја нагласил и посветеноста на државата за усвојување на новиот Закон за заштита на потрошувачите и дека паралелно ќе се работи на надминување на проблемите поврзани со безбедноста преку дефинирање на јасна постапка за жалбите на потрошувачите, за телото кое ќе одлучува и методологијата за компензација за секое кршење на законот од страна на продавачите.

Работната група за ова поглавје ја предводи главниот преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ и нејзе ја сочинуваат претставници од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за финансии, Народна банка на Република Северна Македонија, Комисијата за хартии од вредност, Централниот регистар, Агенцијата за супервизија на осигурување, Управата за финансиско разузнавање, Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Покрај координацијата на Секретаријатот за европски прашања како институција назначена за координација на национално ниво, Кабинетот на вицепремиерот Битиќи е назначен како координатор на целиот Кластер 2.

Во петок, како што најавуваат од Кабинетот на вицепремиерот Битиќи, ќе се одржи билатералниот состанок за Поглавје 2 „Слобода на движење на работници”.