Битиќи: Се раскинуваат договорите со инвеститорите кои не ги исполнуваат обврските

Раскинувањето на договорите со странските инвеститори треба да се разбере како нормален тек зашто договорите за поддршка имаат права и обврски. Ако една страна не ги исполни обврските нормално треба да се увиди дали треба да се раскине договорот или не, порача денеска вицепремеирот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Ние кажавме дека владеењето на право е едно од основните начела на ова владеење и дека ќе постапуваме праведно и правично. Затоа сметам дека раскинувањето на договорите е во овој дух. Таму кај што обврските не се исполнети спогодбено се раскинуваат договорите, рече Битиќи во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека некои од инвеститорите со кои се раскинати договорите најавуваат дека ќе дојдат пак за да потпишат договор за поддршка затоа што се креирани условите за понатамошно инвестирање од нивна страна.

-Ние не велиме дека нема да ги поддржиме, ќе ги поддржиме со обезбедени гаранции дека тоа ќе го направат, но во исто време имаме најави на доста компании кои или до крајот на годината или на почетокот на следната година ќе почнат со новите инвестиции. Интензивно веќе се гради еден од најголемите објекти, а тоа е „ДУРА Аутомотив“ со 100 милиони евра инвестиции кои ќе се случат најверојатно цела 2021 и почеток на 2022 година со нови 500-ини вработувања. Имаме низа такви компании кои се сериозни, се дел од глобалниот вредносен ланец и како такви ние соодветно ќе ги поддржиме. Тоа ќе изискува некои буџетски импликации, но за нас е битно дека преку поддршка на такви компании се поддржува извозот, се поддржува целокупното развојно стопанство, потенцира Битиќи.

Најави дека ќе продолжи реструктуирањето на јавни претпријатија со цел да се обезбедат соодветни услуги кон граѓаните.

-„Македонска пошта“ ќе влезе во процес на реструктуирање без прејудицирање на моделот дали тоа ќе биде јавно приватно партнерство или ќе биде целосна приватизација. Но, основната цел е таму да се обезбедат добри поштенски услуги за нашите граѓани. Сметам дека во 2021 година секој еден наш граѓанин заслужува да има пристап до нормални светски текови, а тоа е дека кога нашите деца ќе сакаат да купат книга од Амазон да можат тоа да си го направат преку таков провајдер и дали тоа ќе значи продавање или јавно приватно партнерство, дали тоа ќе значи дополнителни 10, 15, 20 милиони евра во буџетот тоа е ирелевантно. Битно е дека услугата кон граѓаните ќе се обезбеди, посочи Битиќи.

Слична е, како што рече, и ситуацијата со „Македонски железници – Транспорт“ коишто осигуруваат транспорт на стока и патници.

-Сметам дека секој еден граѓанин, секое едно претпријатие заслужува да има модерен транспорт. Увидовме дека оваа компанија години наназад ги уназадува услугите коишто ги дава на нашите граѓани и стопанството. Сметаме дека треба да влеземе во процес на реструктуирање затоа што нашата држава геостратешки се наоѓа на многу добра локација и преку транспортот на стоки може да заработи многу средства, а досега тоа се изгубени средства. Големината на приходите во буџетот од ваквите операции не е толку битна иако е значителна, но другата цел е побитна, рече Битиќи.