Битиќи: Платите во јавниот сектор ќе растат, но потребни се и коренити промени кои ќе носат продуктивност и ефикасност
Потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи, денеска на прес конференција оцени дека првите 100 дена од дејствувањето на Владата „се веројатно едни со најголеми предизвици и вистината е дека и следните 100 дена, а и тие по нив, ќе треба и ќе се справуваме со истите“.
Тој нагласи дека Владата успеала да остане солидарна и никој да не биде изоставен како и да се задржи стабилноста на економијата.
„Успеавме да ги задржиме нашите работници на своите работни места како и да ја одржиме ликвидноста на компаниите, односно економијата што се потврдува со остварените приходи на крај на февруари кога беа за 14 отсто повисоки од истиот период лани, а на крај на март беа 16,86 отсто повисоки од минатата година. Овој тренд се задржува и во април месец“, рече Битиќи.
Осврнувајќи се на порастот на минималната плата и на платите во јавниот сектор Битиќи посочи дека платите во јавниот сектор ќе го следат покачувањето на минималната плата согласно членот 8 од законот за минимална плата.
„Но, ова истовремено мора и ќе значи и отворање на дијалогот и коренитите промени кои ќе носат продуктивност и ефикасност како и оптимизација на јавниот сектор“, нагласи Битиќи додавајќи дека токму поради тоа се започнати преговорите за потпишување на нов Општ колективен договор со кој ќе се утврди усогласувањето на платите во јавниот сектор со минималната плата, но истовремено ќе се отвори прашањето и конечно и дефинитивно ќе се спроведат реформи за рационализација и продуктивност на јавниот сектор.
„Секој кој што работи заслужува достојно да биде платен, но и секој граѓанин заслужува да добие услуга која ќе е навремена, квалитетна и професионална“, рече Битиќи, повторувајќи дека до соодветни решенија ќе се дојде низ дијалог меѓу засегнатите страни.