Битиќи: Пензискиот фонд за три години ќе биде неодржлив


Фото: Б. Грданоски

При носењето на одлуката за линеарно зголемување на пензиите, во собранието укажав дека буџетскиот дефицит во ПИОМ од 31 отсто да се зголеми на 48 отсто и да кажете ништо не се случува во државата, вели Фатмир Битиќи, пратеник и поранешен вицепремиер за економски прашања, во вечерашната „Вин-Вин“ на ТВ Телма.

„Мора на пензионерите, мора на сите млади, мора на сите генерации да им кажете дека зафаќањето што го правиме со линеарното зголемување наспроти усогласувањето, методолошки предвидено, кое што на крај на денот ќе донесеше повеќе пари кај пензионерите, а не само линеарно за сите, дека цената е оваа. А, цената е дека за три години, пензискиот фонд ќе биде неодржлив“, смета Битиќи.

Тој исто така го оцени негативно штотуку скроениот буџет на Владата нарекувајки го октроиран.

„Овој буџет и тоа како е различен од сите претходни буџети, независно дали ги носела ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, поради две причини – прво, тоа е прв буџет во историјата што се носи на октроиран, односно наметнат начин, и второ, направен е преседан со намалување на капиталните инвестиции за 15 отсто,“ изјави Битиќи. 

Тој дополни дека ваквото намалување е загрижувачко и постави дилема дали тоа е резултат на недостаток на институционален капацитет или недоволна подготвеност за спроведување реформи.

„Во тековната година имаме само 46 отсто реализација на капиталните инвестиции. Тоа е максимумот што институциите можат да го постигнат без вистински исчекор. Затоа прашањето не е зошто се намалени инвестициите, туку зошто ги нема проектите за кои владата зборуваше,“ рече тој.

Битиќи потсети и на најавите за Меморандум за соработка со Велика Британија, преку кој требаше да се отвори финансиска рамка од шест милијарди евра.

„А каде се тие проекти? Во буџетот стои ставка за Клинички центар во Штип и во Скопје со само 3,5 милиони денари. Со тие пари не можете ни студентски дом да изградите, а не Клинички центар,“ нагласи Битиќи.

Тој на крај праша дали ова што го предлага Владата е вистински предлог-буџет за 2026 година или само „претбуџет“ без реална содржина и визија.Тој констатираше дека ова е потрошувачки буџет, затоа што 90 отсто од буџетот е наменет за тековните расходи, 10 отсто за некакви капитални инвестиции.

„Ако оваа година, 2025-та, која е чиста година на владејачкото мнозинство, покажа дека има капацитет за 50 отсто спроведување на капиталните расходи, тоа значи дека овие 10 отсто ќе останат 5 отсто на крај на годината во 2026. Толку е капацитетот. И ако 90 отсто отидат во тековни расходи, затоа што таму не можеш да не ги трошиш, оти на секој први ќе дојде некој, ќе тропа и ќе рече „треба да се плати ова, сакал ти или не сакал“. Прашањето е за пет години од денеска каде ќе бидеме“ – рече Битиќи.