Битиќи очекува трговците да се однесуваат „соодветно“, ако многу ги зголемат цените ќе има казни


Секое поскапување на нафтените деривати за државата станува и фискална утеха, вели Фатмир Битиќи (Фото: Б. Грданоски)

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не очекува нарушувања на пазарот од петок кога престанува да важи ограничувањето на цените на педдесетина производи, и дека трговците ќе се однесуваат „соодветно“. Во спротивно, тој денеска најави дека Владата ќе реагира и дека преку инспекторатите ќе преземе соодветни мерки. Очекува и што поскоро пратениците да го донесат законот за нефер трговски практики кој треба да оневозможи нарушување на пазарот.

Одговарајќи на новинарски прашања пред „РЕДИ самитот 2024“, со оглед дека законот за нефер трговски практики се уште е во Собрание, дали некој може да гарантира дека цените нема да се зголемат, Битиќи рече дека секое неетичко однесување на било кој трговец ќе се казнува на најсериозен начин.

„Јас сум конзистентен. Што тоа ќе значи, знаеме од минатото ние сметаме дека лекцијата е научена, дека во државата освен правење бизнис и креирање профит мора да има морал и етика кај компаниите“, рече Битиќи.

Тој смета дека замрзнувањето на цената не е мерка што соодветствува со пазарната економија и дека треба да се вратиме во нормалните текови на живеење.

„Секако, останува на бизнисмените и тие соодветно да се однесуваат“, додаде Битиќи најавувајќи дека Државниот трудов инспекторат и Државниот пазарен инспекторат веќе од задутре ќе бидат на терен и за секои евентуални зголемувања на цени кои што излегуваат од секоја нормална пазарна логика соодветно ќе реагираат.

„Не значи дека ако во Собранието нема разум за носењето на законот за трговски практики, дека ние нема да регираме“, вели Битиќи.

Тој се осврна и на однесувањето на Комисијата за заштита на конкурентноста.

„Пред скоро шест месеци ми рекоа дека процесот може да трае година дена, значи остануваат уште точно шест месеци комисијата соодветно да реагира. Сметам дека стариот состав ја има започнато работата, веќе имаме нов состав на комисијата, и велам дека ако задутре има индиции дека има такво однесување на пазарот од стопанствениците, јас како што направив пред шест месеци, ќе направам пак. Ќе одам во Комисијата за заштита на конкуреност затоа што ако не можат тие да направат нешто по допрен глас, еве јас ќе дадам преставка за компаниите“, рече Битиќи.

Тој нагласи дека конечно е дојдено времето секоја институција соодветно да реагира, како и дека не може да се бара одговорност од тие што не се повикани.

„Комисијата за заштита на конкурентност, како и Здружението на заштита на потрошувачи се најповикани кои што треба да реагираат секогаш кога има вакви случувања“, рече Битиќи, додавајќи дека како Влада дале „фантастичен предлог“ кој е се уште во собраниска процедура, а тоа е законот за нефер трговски практики, за кој, како што рече, не знае зошто се уште не е познат денот кога треба да се изгласа.