Битиќи очекува просечна годишна инфлација од 10 до 11 отсто


Фото: Б. Грданоски

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека доколку се одржиме на проекциите на крај на годината просечната годишна инфлација ќе биде 10 до 11 проценти.

Тој вечерва во гостување на ТВ Телма рече дека во период на криза дури и влегувањето во рецесија не е најстрашното што може да се случи и порача дека е важно да имаат ефект одлуките што ги носат сите чинители.

-Сме се справиле и со потешки ситуации, ќе се справиме и од излегување од рецесија како земја, а особено сме покажале дека економијата е доволно флексибилна за да се справи со сето тоа ако има добар партнер во Владата, а ние покажавме дека во период на ковид и тоа како има добар партнер. И затоа јас не стравувам многу дали ќе влеземе во рецесија, рече Битиќи, истакнувајќи дека е важно дали даваат одреден ефект одлуките коишто ги носат сега различните чинители.

Ефектот што сака да се постигне е, како што рече, да го намалиме притисокот за зголемувањето на инфлацијата на ниво на коешто ќе биде неиздржливо.

-Ние ако се одржиме на проекциите, а мислам дека на крај на годината просекот во цела година ќе биде отприлика 10 до 11 проценти инфлација во една од најтешките години со низа на кризи. Сметам дека е доста добра стапка на инфлација, и да кажеме, разумна за нашата економија за да може да се покрие наредниот период.  Неразумно е се што е над 20 проценти, рече Битиќи.

Тој се осврна на преговорите за набавка на струја со Бугарија и посочи дека се додека има преговори ние не велиме дека сме се откажале. – Впрочем преговорите се отвораат за да преговараш, рече Битиќи.

Во тој контекст ја нагласи важноста на јавните средства бидејќи, како што посочи, на крајот на денот стопанствениците коишто евентуално би ја добиле електричната енергија со евентуална набавка или договор што ќе би се постигнал со Бугарија и со која било друга земја може утре да излезат и да кажат сега плаќаме, 70, 80 или 100 евра повисока цена отколку што би платиле да почекавте една недела.