Битиќи: Не мислам дека ќе дојде до генерален штрајк во УЈП


Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е оптимист дека ќе се најде решение за вработените во Управата за јавни приходи кои се заканија со генерален штрајк. 

Во изјава за медиумите Битиќи денеска рече дека е назначен медијатор и дека се надева оти нема да се реализира најавата за генерален штрајк. 

– Вработените во УЈП заедно со Синдикатот минатата недела побараа медијатор. Тој е назначен и имаат период од 10 дена да најдат решение. Јас сум оптимист дека решение ќе се најде и дека мерката на генерален штрајк не би требало да се случи затоа што сметам дека тоа што вработените во Управата за јавни приходи, како и сите други вработени во јавниот сектор е достоинственост на работните места каде работат и платите кои ги добиваат. Ние сме подготвени да разговараме, изјави Битиќи.

Во четврток, како што најави, ќе заседава Економско-социјалниот совет на кој ќе биде разгледан Општиот колективен договор со новата методологија.

– Дел од решението за вработените во Управата за јавни приходи мислам дека е токму во тоа решение, рече Битиќи, додавајќи дека според неговото мислење нема да дојде до ситуација на генерален штрајк во УЈП.   

Прашан за тоа од каде се најдени средства за зголемувањето на платите на министрите согласно одлуката на Уставниот суд, Битиќи рече дека парите се обезбедени со пренамена на средства. 

– Бројот на тие што се опфатени со таа измена не е толкав за да направи дисторзија на функционирањето на државата и на Буџетот. Има една алатка – пренамена на средства која се користела и досега и соодветно се постапува кога се потребни средства во други буџетски сметки, рече Битиќи. 

Посочи дека се работи на новата методологија за плати во јавниот сектор и кога таа ќе се вгради во Општиот колективен договор ќе важи за сите структури во јавниот сектор. 

– Системското решение ќе биде за сите. Синдикатите дојдоа до решение дека новата методологија за сите вработени во јавниот сектор треба да биде просечна плата помножена со коефициент, истата методологија која се аплицира кај избраните и именуваните лица. Ние рековме дека таа методологија ја прифаќаме и работиме на тоа системско решение. Кога тоа ќе го направиме во Општиот колективен договор, содветно ќе се аплицира во сите структури во јавниот сектор, рече Битиќи.