Битиќи и Павлески ветуваат подобри услови за инвестирање

Контакти и привлекување странски компании кои имаат знаења и искуство во работата со високо развиени технологии и кои создаваат производи со додадена вредност, како и поттикнување домашни компании да реализираат инвестиции со кои ќе ги прошируваат производните капацитети и ќе бидат атрактивни партнери на високо развиени компании со што им се отвораат можности да станат дел од меѓународните синџири за снабдување на глобални компании, ќе бидат главните задачи на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот (АСИПИ) во следниот период.

Ова го истакнаа денеска на првата работна средба вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и новоименуваниот в.д. директор на АСИПИ, Дејан Павлески.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Битиќи, се разговараше за политиките и плановите на Владата за привлекување нови инвестиции, како и за поддршката на компаниите за технолошко-технички развој со крајна цел создавање поконкурентна економија.

Вицепремиерот нагласи дека во периодот кој следи, Владата, заедно со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, ќе работи на креирање што е можно подобри услови за инвестирање во државата, како и на создавање уште подобра генерална бизнис клима.

-АСИПИ е една од клучните алки во системот за привлекување нови инвестиции во државата. Согласно владините политики и планови, оваа Агенција треба да биде првата комуникациска точка со странските компании, заинтересирани за реализација на нови проекти во нашата земја, но и за сите други компании кои веќе функционираат, за да реализираат нови инвестиции во техничко-технолошкиот развој, дигитализација на процеси, отворање центри за истражување и развој, односно сите оние компании кои сакаат да бидат поконкурентни на домашниот и меѓународните пазари, рече Битиќи.

В.д директорот на АСИПИ, Павлески изрази задоволството што Владата му укажа доверба да ја води оваа значајна институција и нагласи дека ќе го вложи сето знаење и искуство за земјава да биде атрактивна дестинација за светски познати компании, како и земја која ќе се препознава како одлично место за водење бизнис.