Битиќи и Бектеши во ЕБОР: Поддршка за енергетски проекти за забрзана енергетска трансформација


Вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Лондон остварија средба со генералната директорка во Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за одржлива инфраструктура, Нандита Паршад.

На состанокот на кој присуствуваше и генералниот директор на НОМА Гас, Бајрам Реџепи, главен фокус беа активностите и проектите кои со поддршка на ЕБОР се реализираат во нашата земја, како и идните планови и проекти кои преку разни инвестициски проекти може да се поддржат во Северна Македонија во насока на реализирање на „зелената агенда“.

На средбата беше поздравена успешната соработка која нашата земја ја има со ЕБОР , како банка која е еден од најголемите поддржувачи на инфраструктурни проекти во земјава.

Во таа насока изразена е определба од двете страни дека реализацијата на проектите продолжува непречено да се одвива, независно од кризите предизвикани од војната во Украина, посебно што станува збор за реализација на важни проекти за граѓаните и државава, во областа на енергетиката, транспортот, животната средина.

Вицепремиерот Битиќи и министерот Бектеши се заблагодарија за успешната соработка со ЕБОР , при што, заедно со директорот Реџепи и претставниците од ЕБОР е разговарано и за можностите за унапредување и во делот на потребната техничка поддршка и експертизи.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека Владата на Република Северна Македонија активно работи на реализација на инфраструктурни проекти во насока на забрзан раст на домашната економија и подобрување на финансиската состојба на граѓаните.

Министерот Бектеши посочи дека за Северна Македонија од клучно значење е зголемување на енергетската независност на земјата, како и забрзаната енергетска транзиција за што се заблагодари на поддршката која што ја има земјата во оваа насока, пред сѐ во поддршка на изградбата на гасниот интерконектор помеѓу Северна Македонија и Република Грција.

Вицепремиерот Битиќи и министерот Бектеши ја информираа директорката Паршад за идните планови за развој на енергетска инфраструктура во земјата посебно за проекти кои се од важно значење за регионално енергетско поврзување за што најголем бенефит ќе имаат домаќинствата.