Битиќи: ФИТР ќе биде прва акредитирана институција кон Зелениот климатски фонд од Западен Балкан


Заврши вториот проект за подготвеност за Зелениот климатски фонд со кој се поставуваат темелите за климатски активности предводени од државата во иднина. Завршниот настан беше организиран од кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

За време на настанот, како што информираат од кабинетот на Битиќи, тој се осврна на придобивките од проектот, како – „Финализирање на Национална работна програма за Зелениот климатски фонд со конкретни приоритети и детален преглед на проектни / програмски идеи (од јавни и приватни чинители, на национално и локално ниво) во идентификуваните приоритетни сектори – енергетика, транспорт, водни ресурси, земјоделство, отпад, биолошка разновидност, здравство, шумарство и културно наследство – што ќе се спроведе како дел од напорите на Северна Македонија за справување со климатските промени.

– Главен чекор за зајакнување на ангажманот на приватниот сектор во климатска акција и инвестиции е неодамнешната одлука на Владата од 12 Април 2022 година да го номинира Фондот за иновации и технолошки развој да биде првиот национален субјект што ќе го започне процесот на акредитација за Зелениот климатски фонд, се вели во соопштението.

Вицепремиерот ја потенцираше важноста на процесот на акредитација кон Зелениот климатски фонд, додавајќи дека ФИТР ќе биде прва акредитирана институција кон Зелениот климатски фонд од Западен Балкан со директен пристап до финансии од Фондот, како институција со искуство во менаџирање на проекти кои се поврзани со климатска акција, но и нуди можности за иновативни решенија.

– Со овој процес Фондот за иновации се издигнува на ниво на останатите меѓународни организации кои се акредитирани кон Зелениот климатски фонд, како Светска банка, Агенциите на Обединетите нации, ЕБРД, ГИЗ, ЕИБ, итн., истакна вицепремиерот Битиќи.

 

Во овој контекст, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и директорот на ФИТР, Фестим Халил денеска потпишаа Меморандум за соработка во насока на зацврстување на идното партнерство за поттикнување на климатска акција кај приватниот сектор. Како прв чекор, тие го објавија својот прв заеднички јавен Повик за предизвик за „Справување со климатски промени 2022“.

Директор на ФИТР, истакна дека ова е вистински пример за проектна одржливост и итно дејствување.

– Дополнително на владините политики и стимулации за постигнување на климатските цели и зелен развој, ние му даваме на приватниот сектор единствена можност за инвестиции кои ќе поттикнат иновација и климатска акција низ секторите, додаде тој.