Битиќи: Да го преминеме периодот на пандемија и ќе зборуваме за решавање на проблемот со рамковните вработувања


Процесот за рамковните вработувања ако мене ме прашувате ќе го завршам уште утре, но тоа е процес кој веќе е започнат и не треба да зборуваме сега во време на пандемија, истакна Фатмир Битиќи, вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.

– Процесот е започнат и сметам дека денеска не треба да зборуваме во време на пандемија, во време на загрозеност на секое едно работно место, за црни сценарија. Ќе го преминеме овој период и мислам дека во првиот ден кога ќе дишеме слободно без маски, ќе почнеме да зборуваме за решавање на тој горчлив проблем што сите го зборуваме веќе неколку години, рече Битиќи при неговата денешна посета на компанијата Хај Тек Корпорејшн.

Тој потенцираше дека и приватниот, а и јавниот сектор бара луѓе кои се продуктивни, ефикасни и ефективни.

– Ефикасни да бидат навремени со своите услуги, да даваат квалитетни услуги – тоа е ефективност, и продуктивност, значи да одработат тоа што ќе им биде дадено за задача. Ако луѓето без разлика по кој основ се вработени и ги исполнуваат овие критериуми, ќе најдат работно место и во јавниот и во приватниот сектор. Денеска бевме сведоци во една компанија којашто нема вработени само од еден етникум. Етникумот не е прашање, туку прашање е квалитетот на луѓето коишто можат да одработат, коишто можат да дадат вредност во оваа компанија, изјави Битиќи на новинаркско прашање.