Битиќи: Целиме кон исполнување на обврските од Зелениот договор

Владата тргна храбро во енергетска транзиција. Целиме да ги исполниме обврските од Зелениот договор 2050 на ЕУ, порача вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на попладневниот панел што се одржа во рамки на Македонскиот енергетски форум 2020.

Во своето обраќање, Битиќи посочи дека во последните три години Владата ја насочила својата енергетска политика кон исполнување на целите на ЕУ.

– Со помош на нашите партнери, УСАИД и ЕБРД донесовме два важни закони во кои целосно се имплементирани ЕУ директивите кои се однесуваат на внатрешен пазар на енергија и на енергетската ефикасност. Тоа се Законот за енергетика и Законот за енергетска ефикасност. Со Законот за енергетика и со подзаконските акти кои се однесуваат на обновливите извори на енергија, се создаде клима за нови инвестиции во обновливи извори на енергија, поддржани со нови пазарно-ориентирани механизми, на транспарентен и конкурентен начин, рече Битиќи, додавајќи дека изминатата година потпишани се договори за изградба на фотонапонски електрани со инсталиран капацитет од 62 MW. 

Во моментот, како што посочи Битиќи, во тек е и постапка за јавно-приватно партнерство со АД ЕСМ, за изградба на две фотонапонски електрани по 40 MW, на местото на рудникот за јаглен во РЕК Осломеј.

– Ова е прв проект во регионот, пример на енергетска транзиција, односно замена на термоелектрана на јаглен што загадува, со фотонапонски електрана, која произведува 100 проценти чиста енергија. Со цел диверзификација на изворите, Владата издаде овластувања за изградба на ветерни електрани со вкупен инсталиран капацитет од 150 MW на приватни инвеститори, нагласи Битиќи.