Определени тарифните блокови за струјата, цената ќе се знае во среда


Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски

Регулаторната комисија денеска ги објави четирите тарифни блока според кои ќе се пресметува колку ќе плаќаат домачинствата за потрошена струја. Како и што се најавуваше, струјата за оние од пониските блокови ќе чини поевтино, додека за оние што трошат повеќе таа ќе биде поскапа.

Цената во тарифните блокови ќе се определува според потрошената скапа струја (дневна), а ноќната тарифа останува со изта цена за сите.

  • Прв тарифен блок: од 0 до 210 kWh;
  • Втор тарифен блок: од 210 kWh до 630 kWh;
  • Трет тарифен блок: од 630 kWh до 1 050 kWh;
  • Четврт тарифен блок: над 1 050 kWh.

Размерот на тарифните блокови е соопштен денеска, додека за цената ќе се знае повеќе во среда.

Се очекува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во среда да одржи подготвителна и главна седница на која ќе бидат соопштени цените на блок тарифите, изјави денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

„Во текот на оваа недела, најверојатно в среда РКЕ ќе одржи подготвителна и главна седница на која ќе ги соопшти цените на блоковите и ниските тарифи, а до тогаш ќе ги оставиме познатите експерти во државата да лицитираат со цените“, изјави денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски на подготвителната седница за реформата на тарифниот систем што се одржа на ФЕИТ.

На новинарско прашање тој повтори дека цените на блоковите ќе ги објават во среда.

„Колку ќе биде просечно зголемување на цената сето тоа ќе го објавиме во среда. Апсолутно тоа што е во четвртиот блок е само за во четвритот блок, за остананатите блокови ќе се води сметка да можат потрошувачите да си ги платат своите сметки за електрична енегрија доколку имаат своја нормална и разумна потрошувачка со електрична енергија“, рече Бислимовски.

Тој изјави дека заклучно со шести месец иако биле планирани 0 денари за набавка на струја од увоз, ЕВН Хоум заради, како што вели, некоректен однос на одредени индустриски потрошувачки и општини направи непланирана набавка од 33 милиони евра.

„Дополнително имаме ситуација да уредбата за кризна состојба се укина и исто така универзалниот снабдувач ќе има обврска да ја откупува електричната енергија и од повластените производители, тоа е некаде околу 10 милиона евра, и цената на ЕСМ е нешто повисока, од 41 евро на 48 евра за мегават часа, но притоа треба да се знае дека и ЕСМ ќе обезбеди загуби на електрична енергија во дистрибутивната мрежа по 143 евра за мегават час. Така да ЕСМ сериозно влијае на намалувањето на ризиците врз цената“, истакна Бислимовски и подвлече дека не може во моментов да каже колкаво ќе биде зголемувањето на цените.

Цената по која граѓаните ќе ја плаќаат струјата по 1 јули годинава ќе зависи од тоа колкаво покачување на цената ќе побара универзалниот снабдувач ЕВН хоум, откако ЕСМ, од чија понуда најмногу зависи цената, во петокот понуди цена од 48 e/MWh на тендерот за снабдување на универзалниот снабдувач со електрична енергија за потребите на регулираниот пазар, што е зголемување од седум евра во однос на минатогодишната цена од по 41 евро за мегават-час.

АД ЕСМ, во соопштение до медиумите, објави дека и годинава повторно ќе испорачаат 100 проценти за потребите на граѓаните и малите потрошувачи, иако законот им дава можност да испорачуваат енергија од само 60 проценти од потребите на ЕВН хоме. ЕСМ учествува со околу 32 проценти во цената за крајните потрошувачи.

МЕПСО и Електродистрибуција минатата недела веќе доставија барање до РКЕ за зголемување на нивниот дел во цената на електричната енергија за 60 до 80 отсто.