Бислимовски ќе го тужи Арсовски, не земал плата од две илјади евра


Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) ја отфрла како лажна и неточна изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски за висината на платата на претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

„Платите се јавно објавени и се далеку пониски од предвидените пет просечни нето плати во секторот согласно законот за енергетика“,се вели во соопштението на РКЕ.
Како што се наведува, ако Арсовски не се извини за изнесените шпекулации, ќе следува приватна тужба, а парите од отштетата ќе бидат донирани.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференцијa праша дали Бислимоски зема нето плата од над 2.000 евра, поточно околу 2.150 евра секој месец или 130.000 денари, односно бруто плата околу 200.000 денари.

Претходно портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека „луксузот кој го живеат функционерите на СДСМ со парите на граѓаните е на највисоко ниво“ и дека  за само 3 години потрошиле над 8 милиони евра за луксузни возила и автомобили.

-Денеска сакаме да споредиме колку функционерите на СДСМ се попривилегирани во однос на обичниот народ и граѓанин во Република Македонија.Томислав Тунтев е  директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, инаку поранешен пратеник на СДСМ. Па сакаме да прашаме, дали Томислав Тунтев како директор на оваа агенција, инаку кадар на  СДСМ, назначен од СДСМ зема месечна нето плата од 3.000 евра или 180.000 денари, односно бруто плата од 270.000 денари секој месец? Во овој случај кадарот на СДСМ за 20 месеци доколку ја зема оваа плата откако е назначен има инкасирано околу 60.000 евра нето плата, пари од граѓаните.

Ова се околу 8 до 9 нето просечни плати во Република Македонија, што ги земаат граѓаните, наспроти платата што ја зема овој функционер на СДСМ секој еден месец. Тука не ги вбројуваме трошоците за службени возила, репрезентации и бонуси.

Марко Бислимоски, претседател на регулаторната комисија е кадар на СДСМ кој може да се види и сите видоа на слики од партиски штабови на СДСМ. Инаку човек на таа позиција не смее да биде поврзуван со политичка партија, но се обработува за СДСМ и Заев, тоа веќе е јасно.Јавно прашуваме дали Бислимоски, кој им ја покачи струјата на граѓаните во ек на економска и здравствена криза што е никаде во светот невидено, зема нето плата секој месец од над 2.000 евра, поточно околу 2150 евра секој месец или 130.000 денари, односно бруто плата околу 200.000 денари“, праша Арсовски.