Бислимоски за парното во училиштата во Карпош: Може да се исклучат од парно додека не им стане студено


Фото: Б. Грданоски

Времето е топло, а индивидуалните потрошувачи кои имаат калориметри, може да заштедат на сметката за парно, ако не сакаат да се греат, додека реално не им стане студено, коментираше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, прашан дали градоначалник може да одлучи да ја одложи грејната сезона. 

Имено, од вчера почна грејната сезона во Скопје, а градоначалникот на Карпош, одлучи училиштата да почнат да се греат од 1 ноември, затоа што имаат високи сметки за греење кои не можат да ги платат.

Бислимоски појасни дека има правило за снабдување и компаниите коишто се задолжени за тоа се обврзани да започнат со испорака на топлинска енергија.

– Онаму кадешто има калориметри, не во згради, туку во индивидуални куќи, тој сопственик може да каже, јас сега ќе бидам исклучен, па ќе се вклучам кога ќе ми биде поладно. Во насока и на ова го гледам тоа што го направиле во Општина Карпош. Тоа е одлука на самиот потрошувач. Како тоа ќе биде, во Скопје реално, температурите се поволни и релативно високи, и нема да има проблем  – рече Бислимоски.

Инаку, факт е, додаде Бислимоски, дека сите општини во Градот Скопје во изминатиот период се соочија со зголемени сметки за топлинска енергија и токму за оваа категорија на потрошувачи во февруари еднаш цената беше намалена за 35 отсто за топлинска енергија, а во јули уште дополнителни дваесетина проценти, со цел да ги растоварат училиштата и градинките од високите сметки.

 

Цената на парното ќе биде стабилна, не се очекуваат никакви промени

 Цената на парното греење во Скопје ќе биде стабилна до следното лето, освен ако не се случи драматична промена на цената кај природниот гас, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски и додаде дека сепак не очекува да има никакви промени. 

– Сега ние во пресметките сме влезени со цена на природниот гас од околу 40-ина евра за мегават час, ако отиде екстремно високо тогаш може да разговараме за зголемување на цената на парното, но, не верувам дека ќе имаме такви драстични промени, така што за цената на парното не очекувам никакви промени, изјави Бислимоски на паузата на состанокот на Експертската мисија TAIEX за транспонирање на законодавството на ЕУ за електрична енергија чиј коорганизатор е РКЕ.

Смета дека земјава нема да има никаков проблем во снабдувањето на природен гас. 

– Во Македонија природниот гас доаѓа преку т.н. Турски тек, доаѓа од Турција, така што нема никаков проблем за да дојде гасот. Во овој момент некаде нешто помалку од половината од постојниот гасовод е искористен, а во план е да се направи нова интерконекција со Грција која што ќе има далеку поголем капацитет од постојната, така што обезбедувањето на природниот гас во наредниот период нема да биде проблем, посочи Бислимоски.

Малкумина се пожалиле дека нема парно

За поплаките дека вчера и денеска немало парно греење во некои објекти рече дека се вообичаени за почетокот на грејната сезона и додаде дека оваа година нема голем обем на жалби, а и временските услови се поволни.

– Сега има мала испорака на топлинска енергија. Ние сме во комуникација и со ЕСМ дистрибуција, излезени се на терен. Може да има поплаки навистина да има проблеми и веднаш ќе бидат решени. Компанијата е транспарентна, објави дека имало проблеми – не можат да пристапат до топлинските станици, немаат клуч, некој треба да им отвори, има одредени објекти каде што не се платени сметките за електрична енергија и пумпите не работат, значи тоа се вообичаени работи. Но, тоа нема никаква поврзаност со топловодот под мостот Беласица, посочи Бислимоски.