Бислимоски: РКЕ беше и ќе продолжи да биде иницијатор на решенија во енергетскиот сектор


Во текот на следната недела ќе објавиме предлог како да им се помогне на компаниите кои се на слободен пазар, а имаат потешкотии во набавка на електрична енергија, најави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски на денешната седница на собраниската Комисија за економски прашања на која втор ден се разгледува Финансискиот извештај на РКЕ за 2022 година.

-Намалувањето на ДДВ-то, проширувањето на листата на ранливи категории се дел од иницијативите кои се реализраа со цел заштита на домаќинставата и да им се помогне на оние кои што најмногу им е потребно. РКЕ беше и ќе продолжи да биде иницијатор на решенија во енергетскиот сектор. Со последната одлука ги тргнавме повластените производители на обновливи извори на енергија да не бидат на товар на домаќинставата во сметките и загарантиравме целосна енергија само од ЕСМ од 41 цена од евро за мегават час, додека на слободниот пазар е во просек 250 евра. Паралелно токму овие повластени производители ги ставивме на слободниот пазарот и ослободивме околу 237 гигават часови електрична енергија кон стопанството со што се направи заштеда oд околу 36 милиони евра, рече  Бислимоски.

Во Предлог – финансискиот план на РКЕ за 2022 година ставката приходи и расходи е проектирана на околу 91,7 милиони денари, додека предлогот за процентот на зафаќање од енергетските компании за финансирање на работата на РКЕ е 0,0522 отсто и е помал од законски утврдениот максимум од 0,1 проценти.

Членовите на Комисијата од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа на зголемена ставка за интелектуални и другу услуги во Предлог-финансискиот план на РКЕ, која е зголемена за 17,34 отсто на што Бислимоски појасни дека се коростат консултантски услуги од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и од Машинскиот факултет од Скопје.

-Станува збор за најреномирани образовни институции кои се користат за советодавни, технички и стручни консултации од областите кои се регулираат се со цел да има поквалитени решенија, а во дел од тимовите се и лица кои се советници во ВМРО-ДПМНЕ и во нивните комисии. Ние немаме комплекс, сакаме со сите стручни лица да дискутираме се цел да изнајдеме најдобри решенија за граѓаните, потенцира Бислимоски.

Дебатата за Предлог-финансискиот извештај на РКЕ за 2022 година се уште е во тек.