Бислимоски: Предлог за намалување на цената на водата во Скопје, а за Охрид се бара 70 отсто зголемување


Фото: Б. Грданоски
Во четврток ќе се носи одлука за корегирање на цената на водата во Скопје, а според директорот на Регулаторната комисија, марко Бислимоски, таа ќе се намали, со оглед на тоа дека претпријатието користи субвенционирана струја. Бислимоски појаснува дека од Охрид на пример, има барање за зголемување на цената на водата за 70 отсто, но вели дека тие нема да дозволат јавните претпријатија да бидат фабрики за вработување врз грбот на граѓаните. 
 
 
– Сите бевте информирани дека барањето од „Водовод“ Скопје е поднесено во текот на месец ноември и тоа е доставено и до медиумите. Ние не сме тука да се натегаме со водовод дали поднеле или не поднеле барање. Фактите се јасни. Ние донесовме одлука согласно нивното барање. Тие бараа минималната цена да биде околу 30, а максималната 57 денари, потврди денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.  
 
Имајќи предвид дека цената на електрична енергија за јавните комунални претпријатија е субвенционирана од државата и таа субвенција ќе продолжи и во наредните месеци, согласно моите информации ќе има корекција на минималната цена што ќе ја донесеме во четврток што ќе значи предлог за намалување на цената за вода во град Скопје, додека максималната ќе биде таква каква што е.
Значи оставаме на „Водовод“ Скопје и нивниот управен одбор да донесе одлука врз основа на нашата предлог одлука, а потоа таа треба да се испрати до советот на Град Скопје каде што се носи конечна одлука.
 
Јас верувам дека ова ќе биде поука за сите останати јавни комунални претпријатија дека, кога ќе поднесат барање, треба да останат на тоа барање, а не да политизираат. Ние ниту се скривме позади нашата одлука и нашата одлука ја донесовме во рамките на една нормала.
 
Ова верувам дека ќе биде поука и за сите други јавни водоводни комунални претпријатија. Како што доаѓаа во Регулаторната комисија и се жалеа дека имаат висока цена за електрична енергија, а ние бевме институција што во целиот процес не гледавме кој од каде е, апсолутно ги поддржавме за овие јавни комунални претпријатија да имаат субвенционирана цена и таа сега ја користат.
 
Ги разгледуваме сега барањата, има и Кочани, и Ресен и Охрид поднесено. Во Охрид, нивното барање за зголемување на водата е од околу 70%. Треба пред да го поднесеш барањето да мислиш. Што да направиме? Да ја зголемиме цената за 70% за да може јавните претпријатија да бидат фабрики за вработување? И до кај ќе тераме? На крај ќе немаме вода – пишува Бислимоски на Фејсбук.