Бислимоски: Не се очекува недостиг на нафтени деривати, нема увоз на руски дизел


 

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски вели дека не се очекува недостиг на нафта и нафтени деривати во земјава, по донесените мерки од страна на Европската унија околу набавката на дизел од Русија. Во објава на Фејсбук, Бислимоски посочува дека во земјава не се увезува дизел од Русија или дека таквото количество е минимално.

„Не се очекува недостиг на нафта и нафтени деривати во С. Македонија. Мерката што во неделата ја донесе Европската Унија се однесува на дизелот, екстра лесното масло, мазутот и керозинот, но таа не може да се одрази врз С. Македонија поради тоа што и во изминатите години ние не сме увезувале руски дизел“, вели Бислимоски.

Тој посочува дека најголемиот дел од готовите нафтени деривати, односно дизелот, околу 90 отсто, ние го набавуваме од Грција, каде што руската нафта имаше многу мало влијание.

„На ниво на ЕУ потребите за обезбедување руски дизел беа околу 15 отсто или околу 720-730 долари за тон. Сега Унијата ќе прави централизирана набавка, со цел да си ги намали трошоците за транспорт, и веќе има склучено договори за набавка на дизел, во најголема мерка со Кувајт“, вели Бислимоски.

Тој додава дека во наредните десетина дена ќе се следи што ќе се случува на берзите и дали ќе има зголемени трошоци за транспорт кај компаниите.

„Но, не очекувам сериозни импликации на цената на дизелот во наредниот период. По вчерашниот ден, кога почна да се применува мерката, на Медитеранската берза имаше намалување на цената на дизелот“, вели Бислимоски.