Бислимоски: Комесарката Нелкова – Чучук е избрана за член на претседателството на ЕРРА

Фото: Б. Грданоски

Комесарката Андријана Нелкова – Чучук е избрана за член на претседателството на Регионалната асоцијација на регулатори за енергетика (EРРА – Energy Regulators Regional Association). На годишното собрание на ЕРРА со пофалница за професионалната и посветена работа во асоцијацијата се стекнаа и двајца вработени во РКЕ, информира денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.

– Изборот на комесарката Нелкова – Чучук од РКЕ за член на претседателството на Регионалната асоцијација на регулатори за енергетика и признанијата со кои се стекнаа двајца вработени е признание за нашата институција. Станува збор за организација во која што членуваат 35 земји од пет континенти, а денес, покрај другите и регулаторното тело на Франција стана придружен член на Асоцијацијата, изјави Бислимоски.

Тој посочи дека ги информирал сите регулаторни тела во рамките на ЕРРА, како и во рамките на Енергетската заедница, за притисоците кои се вршат врз РКЕ од страна на најголемата опозициска партија во државата.

– На денешниот состанок, но и на состанокот во вторникот на Бордот на регулатори членки на Енергетската заедница добивме поддршка да не потклекнуваме под притисоците и понатаму да продолжиме професионално стручно и ефикасно да си ја извршуваме својата работа која што ни е предвидена со Законот за енергетика, потенцира Бислимоски.