Бислимоски ќе заседава со Бордот на регулатори на Енергетската заедница во Атина


Промените на берзанските цени на струја од 400 евра до 1.600 евра за мегават часови, ќе биде една од темите на разговор денеска и утре на регулаторите од Енергетска заедница во Атина, каде со Бордот на регулатори ќе заседава Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и претседател на Бордот на регулатори, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пресрет на состанокот Бислимоски вели дека како се приближуваа крајот на грејната сезона за граѓаните, за регулаторите постои само почеток на нова грејна сезона и поради тоа „ќе разговараме стратешки да се поставиме за афтер шоковите и можните сценарија кои не очекуваат во пресрет на следната зима“.

-Енергетската криза покажа дека најдобар одговор е координиран одговор на Европа и максимално зголемување на енергетската независност на секоја земја. Сведоци сме дека се реактивираа Термоцентралите, но агендата за зелена енергија мора да продолжи и реформите и инвестициите мора да имаат континуитет и 100 отсто реализација. Ќе се позиционираме стратешки недвосмислено, затоа што сигурно, стабилно и непречена испорака на електрична и топлинска енергија е приоритет за сите регулатори од Енергетска заедница, рече Бислимоски, кој во втор мандат заседава како претседател со бордот на регулатори на Енергетска заедница.

Во декември 2019 година, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), едногласно беше избран за претседател на Бордот на регулатори на Енергетската заедница на тогашниот редовен состанок, а во ноември 2021 година доби втор, двегодишен мандат.

Состаноците на енергетската заедница традиционално се одржуваат во Атина, освен Северна Македонија, земји- членки се и Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Молдавија, Грузија, Украина и Албанија.

Претходниот состанок во Атина се одржа на крајот од декември минатата година.