Бислимоски: Граѓанските протести се легитимни, но опозициската партија врши притисок врз РКЕ


Го разбирам незадоволството од донесената одлука и сметам дека се легитимни граѓанските протести против поскапувањето на електричната енергија, но опозициската ВМРО-ДПМНЕ со за денеска најавениот партиски протест врши притисок врз регулаторното тело, порача претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

-Граѓанските протести против поскапувањето на електричната енергија се легитимни и го разбирам незадоволството. Затоа инициравме средба со синдикатот на која се ставивме во целост на располагање да им помогнеме кога ќе учествуваат на економско-социјалниот совет со стручни анализи и поддршка за решение во насока на помош на најранливите категории, а посебно за оние кои директно ги чувствуваат последиците од здравствената криза. Разочаран сум што во 2020 година, во време на пандемија, најголемата опозициска партија, наместо да нуди институционални и визионерски решенија, води агресивна политичката агенда со притисок врз регулаторно тело, изјави Бислимоски за Дојче веле.

Како претседател на РКЕ, посочи, уште повеќе сум разочаран што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој се претставува како енергетичар, не знае дека одлуката се носи врз основа на доставени пресметки од енергетските компании.

-Неверојатно е како Мицкоски ги нема прочитано извештаите на Енергетска заедница во кои две години по ред не рангираат за најдобри регулатори од сите регулаторни тела што ги покрива Секретаријатот, потенцира Бислимоски.

Одлуката за поскапувањето на цената на електричната енергија за домаќинствата за 7,4 отсто беше донесена на 31 јули годинава. Тогаш Бислимоски појсни дека сите енергетски компании побарале зголемување на цената поради зголемените трошоци што ги имале и намалената побарувачка предизвикана од кризата со коронавирусот КОВИД-19. По протестите на граѓаните порача дека цената на струјата може да се врати само доколку прифатат енергетските компании.