Бискупите му предлагаат на папата и оженети мажи да бидат свештеници


На Синодот на римокатолички бискупи од Амазон што вчера заврши во Ватикан предложено е на оженетите мажи во зафрлените краишта да им се дозволи да бидат свештеници, што може да доведе до тектонски промени во црквата, која има вековна историја на целибат.

Предлогот, што беше поднесен во завршниот документ од тринеделниот Синодот, на крајот беше усвоен со 128 гласа „за“ и 41 „против“, пренесоа американските медиуми.

Папата Франциск ќе го разгледа предлогот, заедно со останатите предлози, како прашањата што ја вклучуваат животната средина и улогата на жената во црквата.

Имено, бискупите предложија мажите кои веќе работат како ѓакони, кои имаат семеен однос и важна улога во своите заедници, да можат да се заредат и станат свештеници.

Решението го поддржаа многумина јужноамерикански бискупи, а со него на католиците во изолираните подрачја ќе им се дозволи да присуствуваат на миси и редовно да се причестуваат.

Конзервативците се противат на промените, плашејќи се дека тоа ќе биде преседан што на свештениците ширум католичката црква ќе им дозволи да се женат.