Бишевац влегол во ВМРО-ДПМНЕ за да прави европска држава


?

Сафет Бишевац, кој се најде на изборната листа на ВМРО-ДПМНЕ,  денес е хит на социјалните мрежи, каде што се вртат негови оценки за политиката на партијата чии бои ќе ги брани на наредните избори. Тој се правда дека на листата на СДСМ бил како независен кандидат , а сега го привлекла намерата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да гради нормална европска држава. Во периодот кога беше пратеник на листата на СДСМ Бишевац велеше дека гласачите на ВМРО- ДПМНЕ не уклучуваат мозок, а сега истото го вели за гласачите на СДСМ.На едно од видеата тој го критикува  „фашизоидниот центар за лаги и манипулации чие седиште е во жолтата куќа на ВМРО-ДПМНЕ“.

За тврдењето на генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски дека летоска барал да биде на нивна листа Бишевац вели:

– Тој и Кирацовски ми нудеа да работам во Центрот за комуникации на СДСМ, но не прифатив. Имав средба со Мицковски на кафе пред три месеци за состојбата во државава. Отидовме на прослава на Ден на бошњаците заедно и тогаш ме праша дали можам да помогнам во изградба на нормална европска држава. Така и почна соработката- вели Бишевац.На прашањето дали не му пречи да биде на истата листа со Јохан Тарчуловски, Бишевац вели дека тој не ја составувал листата.

Медиумите наклонети на опозициската партија пак пишуваат дека Бишевац е мета на критики бидејќи ја урива главната теза на СДСМ за сеприсутноста на “груевизмот“ во ВМРО-ДПМНЕ. Сафет Бишевац, според тие оценки, може да биде се, но не и груевист.