Бисера Чадловска со „Боеми“ ќе го одбележи 20. јубилеј на сцената на НОБ


Диригентката Бисера Чадловска, на 24 февруари, со изведба на оперската претстава „Боеми” од Џакомо Пучини, ќе го одбележи јубилејот 20 години уметничка дејност на сцената на Националната опера и балет.

„Музиката е неисцрпен извор на убавина, а една од моите желби секогаш беше да ја диригирам операта „Боеми“. Во изминатите 20 години, ја немав таа можност и затоа одлучив за овој мој прв поголем јубилеј да ја диригирам токму оваа опера. Таа е голем диригентски предизвик, прекрасна и емотивна музика. Задоволството е уште поголемо бидејќи сцената ќе ја делам со моите колеги од оркестарот, хорот и солистичкиот ансамбл на Националната опера и балет, со кои соработувам сиве овие години, вели Чадловска.

Родена е 1978 година во Скопје. Дипломира во 2001 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот по оркестарско диригирање во класата на професорот Фимчо Муратовски. Пост-дипломските студии по симфониско и оперско диригирање, ги завршува на Државната музичка академија во Софија. По завршувањето на студиите почнува да работи како хор-мајстор во Македонската опера и балет. Набрзо почнува да напредува и да асистира во подготовките на сите нови премиери на сцената на МОБ. По неколку години работа како хор-мајстор и асистент диригент, ја добива својата прва премиера “Таен брак” од Доменико Чимароза, со која се отвори Скопското лето во 2005 година. Како резултат на работата на оваа опера, добива стипендија од фондацијата CEE Eastern Musiktheater, со што и се овозможува посета на семинари и настап со оперскиот оркестар од Темишвар, Романија. Потоа се редат голем број на претстави од репертоарот на НОБ тогаш МОБ. Се докажува како оперски и балетски диригент и денес го диригира скоро целокупниот репертоар на сцената на НОБ. На сцената на МНТ како диригент го поставува првиот лиценциран мјузикл во Македонија “Чикаго”. Добитник е на наградата “Георги Божиков” за 2015 година за континуирана изведба на дела од македонски композитори.