Биотехнолошкиот сектор изгуби 85 милијарди долари во најлошата недела последнава година


Индексот на биотехнолошки компании на Насдак изгуби околу 85 милијарди долари оваа недела во најлошиот пад во последната година, откако фондовите забележаа најголемо одлевање на пари од секторот уште од март минатата година.

Реперот за акциите од секторот биотехнологија е на пат да ја забележи третата неделна загуба по ред, пишува Блумберг.

Претседателот Џо Бајден неделава изјави дека до мај САД ќе имаат доволно вакцини против КОВИД-19 за секој возрасен. Додека инвеститорите ја одмеруваат потребата за повеќе лекови и вакцини за справување со пандемијата, тие ги користат минатогодишните профити за да зграбат акции во некои од најпогодените индустрии во 2020 година, како што се банките, патувањата и рекреацијата. Зголемувањето на каматните стапки му наштети и на биотехнолошкиот сектор насочен кон раст.

Во неделниот период што заврши на 3 март, 569 милиони американски долари излегоа од 127 фондови за вложување и тргување со акции на биотехнолошки компании. Сепак, со паричните текови што се сè уште позитивни за годинава, „премногу е рано да се вклучи алармот“, вели во едно интервју Кристофер Рејмонд од „Пајпер Сендлер“.

„Постојат моменти кога има многу фундаментално поместување на политиката, како што е цената на лековите што го прави генералниот инвеститор да сака да избега од биотехнологијата и сè уште не сме виделе ништо од тоа“, рече Рејмонд. Бајден не продолжи со острата реторика за секторот како претходната администрација, рече тој.

Дури и да е така, iShares Nasdaq Biotechnology ETF (IBB) проценуваат дека неделава истекоа околу 88 милиони долари. Фондот Health Care Select Sector SPDR, кој е насочен кон управување со акции на компании за грижа и големи производители на лекови, забележа одлив на капитал во износ од 242 милиони долари оваа недела и загуби 1,68 милијарди долари досега оваа година.

Фондот ARK Genomic Revolution, вреден 8,6 милијарди долари, забележа одлив на средства од над 400 милиони американски долари. ЕТФ се намали за 10 отсто оваа недела бидејќи паднаа фаворизираните холдинзи како „Теладок Хелт“, „Пацифик Биосајенсис оф Калифорнија“ и „Криспр Терапетикс“.

Компаниите кои развиваат лекови против КОВИД-19 и последователно вакцини беа меѓу најлошите учесници на пазарот во текот на неделата и покрај одобрувањето на третата вакцина во САД и низа зделки за испорака на вакцини. „Вир Биотехнолоџи“ и „Новавакс“ изгубија околу една третина од својата вредност оваа недела, додека „Алтимун“ потона за околу 21 отсто, пишува Блумберг.

„Минатата година луѓето фрлаа пари кон речиси секоја компанија што може да понуди некој вид вакцина или лек против КОВИД-19“, вели Дејвид Вагнер, портфолио менаџер во „Аптус Инвестментс“. „Не секој ќе успее“.

Сега инвеститорите се свртуваат од победниците во 2020 година и ставаат дел од тие придобивки во повеќе циклични акции, вели Вагнер. Заситеноста на пазарот на вакцини исто така има влијание, бидејќи се очекува Pfizer, Moderna. и Johnson & Johnson до мај годинава да произведат доволно вакцини за САД.

„Бидејќи снабдувањето е доволно, сите други биотехнолошки компании кои се обидуваат да произведат вакцина, веќе не ни се потребни“, вели тој.