Биомасата најголем загадувач на воздухот во Скопје


Фото: Б. Грданоски

Биомасата, транспортот и индустријата најмногу придонесуваат за загадување на воздухот во главниот град, покажала студијата изработена со софистицирана лабораториска опрема на Универзитетот „Гоце Делчев“.

– Боиомасата е еден од најголеми загадувачи во Скопје. Во меѓувреме се вели исто така дека и транспортот е еден од најголемите проблеми и индустријата, како и неконтролирано греење на масло. Тоа значи дека ние мора да се вклучиме со сите институции да ги контролираме тие загадувачи во нашата држава кои работат без А-интегрирана или Б-интегрирана дозвола – рече министерот за животна средина Насер Нуредини, пред презентација на резултатите.

Тој рече дека побарале од институциите и од Владата да подготват листи за начинот на кој се греат, исто и од оппштините, затоа што „сакаме да го смениме начинот на греење од мазут на прифатливи извори за греење. Почнавме со болницата во Чаир, болницата во Куманово, така што почнавме со менување на начинот на греење на објекти“.

Но, министерот смета дека мора да сме свесни дека сме во една економска криза, но тоа не значи дека ќе се стопираат проектите. Според него, многу е важно да не се менува начинот на греење само на државните објекти, туку да им се помогне и на граѓаните да воведат поенергетски ефикасно загревање на домовите. За тоа се работи на воспоставување мрежа на гасовод.