Био-отпадот при производството на грозје и вино може да се искористи


Био-отпадот при производството на грозје и вино може да се искористи, беше подвлечено на денешната конференција на оваа тема, насловена „Одржливост во производството на грозје и вино во Тиквешкиот регион“, што се одржа во Скопје, во рамките на одбележувањето на Европската недела за намалување на отпадот.

Конференцијата ги соедини јавните институции, приватниот сектор и академијата што делуваат во секторот винарство и лозарство. Конференцијата, придружена со саемот на локални производи од реупотребени материјали вклучувајќи го и био отпадот, имаше за цел да ги презентира главните резултати од проектите „Развој на систем за управување со органски отпад од производство на грозје и вино во Тиквешкиот регион“ и „Географски ознаки за производство на вино“, финансирани од германската Влада, винариите „Бовин“ и „Тиквеш“, а имплементирани од Германското друштво за меѓународна соработка, здруженијата „ЦИКП“ и „Вина на Македонија“.

Државниот секретар Даниела Иротова Лазарева изјави дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поздравува овие иницијативи и се благодарни на германската соработка за придонесот во овој сектор.

– Податоците велат дека годишна потрошувачка на ѓубриво во нашата земја изнесува 55.000 тони, а проценките се дека само комињето од Тиквешкиот регион, има потенцијал да произведе 18.000 тони ѓубриво. Овие бројки докажуваат колку е значајно развивањето на овие практики кај нас, како држава што е дел од Зелената агенда. Органскиот отпад од производството на вино заслужува внимание и соработка помеѓу повеќе институции, бидејќи органскиот отпад е непроценлив ресурс, а придобивките од неговото повторно користење, се повеќекратни, рече таа.

Био отпадот при производството на грозје и вино може да се искористи, конференција во рамките на неделата за намалување на отпадот

Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Петра Дрекслер истакна дека овогодинешната европска недела на намалување отпад е со фокус на отпадот од храна, а успехот зависи и од секторот земјоделство и храна, кој пак игра важна улога во отпорноста и митигацијата на последиците од климатските промени.

– На десеттата средба во рамки на Самитот на Берлинскиот процес, овој сектор беше истакнат како важна област за соработка во насока на европската интеграција на регионот. Во Берлин, ја потврдивме нашата посветеност за приспособување на законодавството за земјоделство до 2030, како и изработка и имплементација на Национален план за адаптација, што го вклучува секторот земјоделство. Германската влада ќе продолжи со политичка, техничка и финансиска поддршка за овие иницијативи, рече амбасадорката.

Германија и Северна Македонија долго време соработуваат во секторот лозарство и винарство, токму затоа што сметаме дека овој сектор има многу можности за развој на добри пракси кои понатаму може да се спроведат и во други сектори, смета Давид Оберхубер, директор на ГИЗ Северна Македонија.

– Географските ознаки и градењето на брендови во производството на вино е само еден начин како да се промовира виното од различни македонски региони, односно локалното производство, додека пак отпадот како тема нѐ засега сите, а напорите да се реши овој проблем, успешно ги имплементираме во секторот винарство и лозарство. Преку бизнис модели на циркуларна економија, нашите напори се во насока на намалување на органскиот отпад од производството на грозје и вино во соработка со винариите како и со локалната самоуправа, подвлече тој.

Во рамки на првиот панел „Развој на систем за управување со органски отпад во производството на грозје и вино во Тиквешкиот регион“, говорниците од јавните институции, академијата и приватниот сектор дискутираа за ефективни стратегии за управување со отпад, влијанието врз животната средина и иднината на кружната економија во производството на вино.

Во втората панел дискусија на тема „Одржливост и квалитет во производство на вино“ се зборуваше за важноста на одржливите практики за производство на грозје и на вино, како предуслов за производство на квалитетно грозје, а оттаму и квалитетно вино. Дополнително се разговараше за можностите со кои географските ознаки додаваат вредност и ги истакнуваат специфичностите на локалните вина.