Билјана Јовановска: Ни лажам, ни манипулирам, масовни отпуштања нема

Директорката на Агенцијата за вработување,  Билјана Јовановска, за „Утрински брифинг“ тврдеше дека нема масовно отпуштање на вработени поради кризата и дека бројката на новоевидентираните невработени лица е од 1.900 до 2.000.

-Ниту лажам, ниту манипулирам. Нека дојдат медиумите, нека дојде Комората и ќе ги извадиме листинзите на тие работодавачи што тврдат дека отпуштаат 15.000 работници, па да видиме каква е состојбата, реагираше таа на обвинувањата од Даниела Арсовска од Сојузот на стопански комори и на прес конференцијата на угостителите.Таа исто така тврдеше дека во  центрите за вработување нема ни најава за прогласување на големи технолошки вишоци.

Таа нагласи дека, иако со уредба е одложено тековното евидентирање на невработените лица, односно немаат обврска да доаѓаат и да ја обновуваат својата состојба додека трае вондредната ситуација, тоа сепак можат да го прават во центрите за вработување.

-Агенцијата ја нуди услугата М1 и М2 пријавување за социјално осигурување, но тоа не се смета за престанок на работен однос. Може да се одјави некој вработен на 14 април, а да се пријави на 16 април. Ако има мирување на работниот однос, и  тоа не се смета за престанок, како и пензионирањето, изјави Јовановска.

Околу реакцијата на угостителите дека ќе отпуштат 15.000 работници, таа одговори:

-Одговорно тврдам дека нема такво нешто. Такво масовно отпуштање на вработени не постои и сум убедена дека сето ова ќе заврши брзо. Знаат угостителите дека тие кадри се дефицитарни и сметам дека со заеднички сили и напори, и со поддршка од Владата, што отсекогаш ја имало, тие кадри треба да се задржат, бидејќи оваа криза ќе помине во скоро време.

Според неа, судејќи по барањата за субвенционирање на вработувања, не само што не се отпуштаат вработените туку и се склучуваат договори за нови вработувања.