Биљана Драгичевиќ-Пројковска и Исмет Аземи се актери на Европа 2022


 

Синоќа традиционално со церемонија на доделување на наградите, во Сарајот во Ресен заврши јубилејното 20-то издание на Интернационалниот театарски фестивал Актерот на Европа 2022.

 

Oвој фестивал започна летото 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Преспанското езеро за Меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија.

Жирито во состав, Мето Јовановски (претседател), Елена Траjковска и Владимир Стојчевски, одлучи главната награда „Актер на Европа 2022“ за најдобро актерско остварување да им ја додели на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, за улогата во „Кармен“ од Драмскиот театар Скопје, како и на Исмет Аземи за улогата во претставата „Четирите еполети“ од Градскиот театар од Митровица, Косово.

Покрај тоа, претставата „Четирите еполети“ се здоби и со наградите за најдобра режија , Хаќиф Мулиќи и наградата „Преспански Дионис“, за косовскиот актер Басри Луштаку.

За најдобра претстава во целина беше прогласена претставата „Пеликанот“,по текстот на А.Стриндберг, во изведба на независната театарска група од ИУ Еуропа Прима – Скопје, во режија на Теодора Сиљаноска.

Претставата „Поетската вечност на Иго и Бодлер“ од Франција, во режија на Патрик Вершуерен ја доби наградата „Жак Лакариер“ за оригинална театарска инвентивност, додека претставата „Синиот портокал“ од Народниот театар Ј.Х.К Џинот од Велес ја понесе наградатата од публиката.

Vо 20-годишното постоење, оваа единствена интернационална манифестација на бреговите на Преспанското езеро, има околу 200 библиографски единици во најпознатите европски новински медиуми како „Фигаро“, „Монд“, „Гардијан“ итн., и секоја година, огласите во светските медиуми за фестивалот  се се побројни.