Билетот за едно возење со автобусите на ЈСП достапен од септември


Билет за едно возење во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје ќе има, и тој треба да го реши проблемот со превозот на туристите, на граѓаните кои инцидентно користат јавен превоз и на оние од внатрешноста, потврдува во интервју за „Независен весник“ генералниот директор на ЈСП Скопје, Кристијан Чушков.

Тој појаснува дека постојниот систем нема да се менува, а билетот ќе биде само нов продукт што ќе се вгради во постојниот систем на наплата. Сè уште не се знае дали ќе може да се купи и кај возачот на автобусот, но во продажните места на ЈСП секако ќе го има. Како новитет, Чушков најавува поставување уште едни валидатори на задната врата на автобусот, за да се избегне метежот на предната врата.

Чушков ја најави и новата апликација која ќе овозможи дополнување на „Скопска“, активирање на плаќање, преглед на сметка, листа на активни билети со времетраење…

Како ќе функционира билетот за едно возење, кога ќе почне да се користи, каде ќе се купува, колку ќе чини?

Билетот за едно возење е планиран нов продукт во постојниот интегриран тарифен систем, односно електронската наплата. Согласно техничката спецификација од јавната набавка, која е во завршна фаза, тој ќе биде електронски хартиен билет, со вграден бесконтактен чип. Наскоро ќе ја утврдиме неговата цена, за која дозвола ќе треба да даде и Советот на Град Скопје. Исто така, останува да се одлучи дали тој ќе се продава само во билетарниците и во секундарната продажна мрежа или и кај возачот. Извесно е дека ќе биде поскап од билетите што сега се дополнуваат во т.н. паричник или се дел од пакетот билети за едно возење. Очекуваме билетот да стане достапен од септември.

Повеќе од јасно е дека воведувањето на билетот за едно возење ќе го реши проблемот со достапност на нашите услуги на туристите, граѓаните што инцидентно користат јавен превоз, на оние од внатрешноста…

Дали овој билет ќе предизвика некои измени во досегашниот начин на функционирање на електронската наплата, ќе важи ли „Скопска“, ќе се менуваат ли валидаторите?

Не, сè останува исто како и досега. Ќе се користат истите валидатори, „Скопска“ и натаму ќе важи. Билетот е само нов продукт, кој ќе се „вгради“ во постојниот систем на наплата. Значи, сè ќе продолжи да функционира идентично, притоа, со низа новини за подостапно и полесно купување и користење на услугите на претпријатието.

Кои се другите поволности што ги планирате?

Билетот е дел од една поголема јавна набавка која, меѓу другото, ќе овозможи и други поволности кои сегашниот систем не ги поседува и поддржува, а од пракса е утврдено дека се повеќе од потребни. На корисниците на паметни телефони базирани на оперативен систем „Андроид“ ќе им биде овозможено купување различни видови билети и нивно користење со помош на примена на NFC-технологија или еквивалентно. Преку апликација ќе се овозможи дополнување на „Скопска“, активирање на плаќање, преглед на сметка, листа на активни билети со времетраење…

Тоа значи дека за да се надополни „Скопска“ нема да има потреба да се оди во билетарница, а преку телефон ќе може да се врши и преглед на сметката и слично. Овие услуги сега не се возможни, односно достапни се само во билетарница или во секундарната продажна мрежа.

Апликацијата ќе овозможи и информации за времето на пристигнување на автобусите, шема на автобуски рути, планирање на рути со геолокација (пат до најблиската влезна станица во однос на моменталната локација), излезната станица, оптимални автобуски линии, број на автобус, време на пристигнување на автобусот, траење на патувањето, цена за патување, најблизок пат до дестинација) и слично. Убедени сме дека со посочените поволности значително ќе се олесни пристапот и користење на нашите услуги.

 Кога сето ова ќе стане достапно за користење?

Согласно условите од јавната набавка, превидено е билетот за едно возење да стане применлив во рок од 120 дена од склучување на договорот. Ориентационо, летово ќе се искористи за тест-период, а очекуваме веќе од септември да стане применлив. Генерално, истото се однесува и за другите новини.

Меѓу другото, набавуваме и 400 парчиња на дополнителни валидатори, кои ќе се постават на задната врата од возилата, со цел да се овозможи побрза валидација на билетите, што ќе придонесе и за намалување на метежот и застоите кои сега се создаваат на предната влезна врата.

До каде е набавката на новите автобуси?

Единствено што можам да кажам е дека постапката е во завршна фаза.

Согласно правилата и процедурите на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) која ја спроведува набавката, не можеме да споделуваме информации со јавноста.

Едно е сигурно, дека идната година јавниот превоз ќе биде подновен со нови 30-35 возила на гас.

 

Стигнуваат ли до вас критиките од патниците, за доцнење на автобусите, неисправни клими, дрски контролори?

Да, ги има речиси секојдневно од секаков вид. Автобусите се случува да доцнат во некој разумен временски интервал заради повеќе фактори кои влијаат на функционирање, не само на јавниот превоз туку и на сообраќајот воопшто (градежни работи на траса, сообраќајна незгода, времен режим на сообраќање и слично). Патниците треба да се свесни дека и со приватно возило не секогаш може да се биде точен и навремен.

Од друга страна, пак, често се жалат дека возачот им затворил врата пред нос. Ако возачот на секоја втора станица тргне, па застане да му отвори на некој што трча по автобусот, ќе изгуби драгоцени минути во утврдениот возен ред. Впрочем, и не смеат да застануваат на необележани места.

Што се однесува до климите, одговорно тврдам дека сите возила што се пуштаат во сообраќај имаат исправни клима-уреди, а возачите имаат обврска да ги вклучуваат и исклучуваат во зависност од временските услови и нивната проценка.

Најголемиот проблем настанува поради различните желби на патниците, на едни им е топло, на други им е ладно, па често возачите се наоѓаат во непријатна ситуација. Истовремено, за жал, често се случува климите да се вклучени, а дел од прозорците во автобусот да се отворени, што е само одраз на културата на дел од патниците.

За дрските контролори има санкции. Секој оној патник што ќе пријави кај нас несоодветно однесување на контролор или возач, со приложување конкретен опис на настанот и информации (ден, време, линија…), е предмет на разгледување, и по утврдување на вина, соодветно се санкционира. Но да потенцирам дека во последниве месеци речиси и да немало регистрирана непријатна ситуација на релација патник-контролор, патник-возач.

Фото: Б.Грданоски

Неодамна Советот на Град Скопје ви го довери проектот за изнајмување велосипеди. Може ли да појасните за што станува збор?

Рано е да зборуваме за детали. Впрочем, Советот на Град Скопје донесе одлука за давање субвенции на ЈСП Скопје, во која меѓу другото се вели „Проектирање и набавка на пунктови и набавка на велосипеди за изнајмување“, што значи дека сè е во почетна фаза. За деталите ќе бидете навремено информирани.

Дали и како може да се интервенира за измени на возен ред, воведување нова линија и слично?

Во случајов директно одговорни се од Сектор за сообраќај при Град Скопје. Оттаму во соработка со нашите служби се разгледува барањето, се вршат неопходните анализи на терен на пример за оправданоста за воведување на нова линија. Значи, неопходно е да се достави официјално барање/петиција до Сектор за сообраќај при Град Скопје.

 Функционира ли уште службата „Изгубено-најдено“?

Да. Секој оној што нешто изгубил или нашол нешто, може случајот да го пријави на 02 3122 634, секој работен ден од 7:30 до 15:30 часот. Доколку е нешто изгубено или најдено во приватен автобус, граѓаните треба да се обратат во Диспечерскиот центар на приватните превозници на 02 2602 015.

Билјана Богдановска