Билатералните прашања немаат место во преговарачката рамка, вели австрискиот шеф на дипломатијата
Изминатите месеци е направен суштински прогрес и сега е моментот за преминување кон следната фаза во процесот за интегрирање во Европската унија, порача во интервју за МИА австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг, нагласувајќи дека почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија е најгорливото прашање кое ЕУ треба да го реши за да го врати својот кредибилитет.
Во врска со преговарачката рамка и што таа би содржела, Шаленберг нагласува дека со оглед на тоа што билатералните прашања не се дел од ЕУ легислативата, тешко е да се вклучат такви референци.
Шаленберг напоменува дека билатералните прашања треба темелно да се дискутираат и решаваат меѓу државите, но тоа треба да се направи на билатерално ниво и не треба да се влече на сцената на ЕУ.
Билатералните прашања и проширувањето не треба да се мешаат. И да не ја заборавиме основачката идеја на ЕУ: да се надмине војната и да се создаде просперитет преку соработка, истакна Шаленберг, кој денеска пристигнува во посета на Северна Македонија.
Во интервјуто тој вели и дека проширувањето не смее да биде легалистички, бирократски процес, туку геостратешки инструмент.
„Во моментов, имаме бирократски пристап во однос на процесот на проширувањето, кој не не доведе до значителен напредок изминатите години, вели шефот на австриската дипломатија, кој потенцира дека доколку ЕУ не дејствува брзо во однос на нејзините ветувања кон регионот, тој ќе се сврти за поддршка на друга страна. Не постои вакуум во светската политика или е европскиот модел или некој друг модел“, вели Шаленберг.
Тој во интервјуто говори и за руската агресија врз Украина, за можноста да се постигне договор, за рускиот прекин на испорака на гас за одредени земји и како сето тоа се одразува врз неговата земја.
Тој смета дека во изминатите месеци направен е суштински прогрес во разговорите меѓу Македонија и Бугарија. „Сметам дека сега е моментот за да се искористи позитивниот тек и да се оди кон следното ниво на ЕУ. Не можеме бесконечно да ги одлоговлекуваме овие прашања, пред нас се многу егзистенцијални предизвици, на кои треба да го насочиме нашето целосно внимание во блиска иднина“, вели Александар Шаленберг во интервјуто за МИА.