Бил Гејтс: Кафулињата и рестораните треба да се затворени во следните шест месеци

 

Соосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, верува дека враќањето во нормала на САД е подалеку отколку што веруваат луѓето, покрај тоа што вакцината ќе биде дистрибуирана оваа недела.

Гејтс, кој донираше милиони за вакцинирање, вели дека до летото 2021 година, САД „треба да бидат многу поблиску до нормалното отколку сега“, но дека потполното враќање во нормала веројатно ќе биде можно дури по 2022 година.

Милијардерот во неделата за Си-ен-ен рече дека постои ризик од враќање на вирусот „ако не им помогнеме на другите земји да се ослободат од оваа болест и ако стапките на вакцинација во САД не се високи“, пренесе „Индекс“.

Гејтс смета дека големите јавни собири треба да бидат забранети и понатаму, а рече и дека „за жал, повеќето барови и ресторани во земјата треба да се затворени за да се сузбие стапката на зараза“. Тој додава дека баровите и рестораните во САД треба да бидат затворени следните четири до шест месеци.

Вистинското враќање во нормала, смета тој, можно е по 12 до 18 месеци, ако се направи сѐ што е потребно за сузбивање на заразата. Гејтс, исто така, изрази загриженост заради неподготвеноста на Доналд Трамп да ги признае резултатите од претседателските избори, за што тврди дека го комплицира дистрибуирањето на вакцината.

„Преминот на власта тоа го комплицира, но новата администрација сака да се потпре на вистинските стручњаци, а не на нападите на тие стручњаци“, додава Гејтс.