БиХ: Онлјан уметнички креации од постари лица додека трае пандемијата


Уметничкото здружение „Наш мост“ во Зеница, Босна и Херцеговина, преку уметност и култура, промовира социјално вклучување на стари лица и други ранливи групи и е едно од ретките места во градот каде што тие се среќаваат, се дружат и се забавуваат.

Поради пандемијата предизвикана од Ковид-19, Центарот за уметност беше затворен речиси од самиот почеток што доведе до вознемиреност, па и депресија кај повозрасните граѓани на Зеница.

За да им помогне да се мотивираат едни со други и да се грижат за нивната ментална благосостојба, здружението „Наш мост“ започна натпревар за цртање и шиење на нивната фејсбук-страница со што и ги покани сите свои членови, но и други, да се приклучат. Предизвикот бараше од учесниците да направат фотографија од својата работа, да ја постават и да го споделат „предизвикот“ со други лица.

 „Сите ние сме пензионери и спаѓаме во најпогодената група од пандемијата. Сакавме да ги користиме социјалните медиуми за да ги изразиме нашата креативност и имагинација, наместо да консумираме депресивни вести“, вели Здена Шариќ, претседател на здружението „Наш мост“.

Здена, 69 години, создаде 8 слики во првите три недели. Има дијагностицирано рак и астма, свесна е дека нејзиниот живот е изложен на ризик, а сликањето ѝ овозможува да се опушти, да ја заборави реалноста и да се справи со своите стравови на креативен начин.

Повеќето стари лица во Босна живеат во тешки услови и се социјално исклучени, поминувајќи го поголемиот дел од своето време дома, изолирани и сами.

Со нетрпение чекав да дојде пролетта и затоа мојата прва слика во изолација беше вазна полна со јорговани“, вели 65-годишната Мелиха Бижо Друшиќ, член на „Наш мост“. Покрај сликањето, таа започнала да шие и заштитни маски за своите пријатели.

Уметничката група е основана пред шест години од група пензионирани лица и е составена претежно од самоуки сликари кои неодамна започнаа да создаваат уметност.

Здружението започна да организира социјални собири, ликовни работилници и уметнички колекции со претворање на малото место „Наш мост“ во уметничка галерија и центар за здраво стареење. Преку работилници за сликање и часови за креативно занаетчиство, тие ангажираат постари лица, кои никогаш не креирале уметнички творби, и развиваат нови интереси кај нив, поттикнуваат создавање нови пријатели во обид да ја негуваат нивната ментална благосостојба.

(Серија текстови „Успешни приказни“ подготвена со помош на проектот ЕУ ТАКСО 3. Медиумски спонзор  „Независен“)