Бигорскиот манастир в недела слави 1000 години од основањето

Во недела, на 18 октомври, ќе биде одржана главната и централна прослава на великиот јубилеј: 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир.

Централната прослава в недела ќе почне во 9 часот со Божествена архиерејска литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА. По завршувањео на литургијата, со пригодно слово кон присутните, освен архиепископот г. г. Стефан, ќе се обрати и покровителот на прославата, претседателот на државата Стево Пендаровски.

Митрополитот г. Тимотеј и епископот г. Партениј, пак, ќе доделат ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за илјадалетието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.

Со цел запазување на мерките за здравствена заштита, целата програма на 18 октомври, вклучително и светата богослужба, ќе се одвива на отворено, во дворот на манастирот, каде што ќе биде поставена монтажна бина, а исто така и видео-екран. На неколку места ќе има пунктови за дезинфекција, а носењето маски и одржувањето на потребното растојание, ќе бидат задолжителни. За доследно запазување на споменатите мерки ќе биде ангажирана професионална и лиценцирана екипа на редари.

По тој повод е објавен пригоден видео спот „1000 години Бигорски манастир“, специјално подготвен за милениумскиот јубилеј од страна на продукциската куќа „Дрим фектори“.

Од Бигорското братство информираат дека од одбележувањето на овој многу голем јубилеј ќе биде обезбеден директен пренос на МТВ, како и на фејсбук страницата и на јутјуб каналот на Бигорскиот манастир.