Биг Мајк ветува голем канабис-проект, Владата молчи
На Мајкл Штрауметис светската канабис-ѕвезда со „уметничко“ име Биг Мајк засега му успеа едно – за момент да го сврти фокусот од тековните сериозни проблеми на општеството со правдата, криминалот и корупцијата.
Биг Мајк, кој во два дена оствари низа средби со првиот политички ешалон – премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче, градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, министерот за земјоделство Трајан Димковски (како што најави) – допатува во земјава со приватен авион и практично уште пред да слета на скопскиот аеродром на својот инстаграм-профил почна со споделувања видеа во кои со насмевка порачува дека земјава плаче за полиња со канабис.
За средбите со политичарите, но и со главниот извршен директор на Комерцијална банка, Хари Костов, јавноста дозна од гостинот од Америка кој не сакаше ништо да сокрие на социјалните мрежи. Се „чекираше“ практично од секаде. Од средбите со политичарите и банкарите, од плоштадот каде што се овековечи со спомениците, каде што посебно внимание им обрнува на Филип и Александар, но и на Кирил и Методиј, од кафеаните каде што уживаше и во друштво на неговата сопруга Цеци Красимирова, познат бугарски модел од 1990-те, сега негов партнер во бизнисот. Тој можеби не е познат за овдешната поширока јавност, но според информациите, е добро познат за дел од компаниите кои се занимаваат со бизнисот со канабис.
„Ние подолго време соработуваме со него. Од неговата компанија ‘Адвенс нутриентс’ набавуваме минерални ѓубрива кои се составен дел од процесот на одгледување канабис. Го посетивме штандот на компанијата на саемот во Прага, кој во моментот го водеше неговата сопруга. Се запознаваме со квалитетот за она што ние се интересиравме и одлучивме да соработуваме. Не ми е познато дали господинот Мајк се занимава и со производство на канабис“, ни изјави еден од сопствениците на компанија која поседува лиценца за одгледување на канабис, но сакаше да остане анонимен.
Од Владата и вчера не сакаа да споделат подетални информации околу тоа со каква точно цел е дојден Биг Мајк, дали се договара некаков голем проект и каков бенифит би имала од тоа државата.
„Владата и премиерот Зоран Заев на дневно ниво реализираат многубројни средби и работни состаноци на економски теми. Не постои професионален стандард или пракса за јавно информирање за сите работни средби во Владата“, велат од Владата.
Компанијата „Адвенс нутриентс“ годинава слави 20 години од своето постоење. Мајкл Штрауметис на 23 години влегува во бизнисот во САД, по што повеќе од една деценија, како што пишуваат медиумите, бил во бегство со седум различни идентитети. Од 1996 година влегува во Канада, каде што ја отвора својата компанија „Адвенс нутриентс“. Таа е број еден компанија во светот за продажба на хранливи продукти специјализирани за канабис, со 90 милиони американски долари годишно во продажба во повеќе од 93 земји.
„Кога имав 23 години двајца пријатели ми кажаа дека имаат начин на кој може да се заработи многу пари. Се обложувам дека знаете што беше тоа?“, вели Биг Мајк во интервју пред неколку месеци додавајќи дека компанијата продолжува со иновациите на полето на хранливите материи, помагајќи им на одгледувачите да ги постигнат најголемите, најмоќни ароматични цветови.
„Кога се одлучив да создавам напредни хранливи материи, собрав тим научници да продолжат да ја развиваат работата за добивање на вистинскиот генетски потенцијал на канабисот“, вели Мајк, кој може да се види и во друштво на славниот боксер Мајк Тајсон, кој од неодамна започна да се занимава со бизнисот со канабис.
Бизнисот со канабис во земјава зема замав. Досега во Министерството за здравство се лиценцирани најмалку 20 компании за производство на канабис, а уште најмалку 20 други чекаат дозвола за одгледување на марихуана за медицински цели. Според она што е веќе објавено во медиумите две од овие компании се во сопственост на братучеди на премиерот Зоран Заев. Станува збор за фирмите МАМ од Свети Николе и „Фарма-медика канабис“ од Валандово.
Новинарски истражувања покажа дека голем дел од фирмите кои обезбедиле лиценца во сопственичката структура имаат странци, односно дел од основачите се фирми од Полска, Бугарија, Словенија,Србија, Албанија, Турција и Холандија.
Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека во Македонија веќе се направени првите екстракти од канабис за медицински цели и дека се очекува првиот извоз откако е стапена во сила либерализацијата на оваа дејност во земјата.
„Многу странски компании имаат голем интерес да инвестираат на ова поле на раст и експлоатација на канабисот. Веќе е влезена компанија од Канада, има од Холандија и така натаму. Оваа политика ја започна претходната Влада и ние тоа го поздравуваме како потег“, рече Заев.
Според него, пазарот со производи од канабис вреди 500 милијарди евра во светот, а во иднина се очекува тој да порасне десеткратно. (Н.К.)