„Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ – проект за целосна вклученост на деца со попреченост во училиштата

„Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ е проект што го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, со цел обезбедување целосна и рамноправна вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта.

Од Фондацијата информираат дека преку овој проект, во оваа учебна година ќе се доделат стипендии на 300 ученици со попреченост.

-За таа цел Фондацијата „Чекор по чекор“ на својата интернет страница www.stepbystep.org.mk (на македонски и на албански јазик) објави оглас на кој до 30 септември 2020 г. ќе можат да аплицираат сите родители/старатели на деца со попреченост запишани во I или II одделение во основните училишта. За дополнителни информации, заинтересираните можат да се обратат на 072-307-326 или на: stipendii@stepbystep.org.mk, информира Фондацијата.

Целта е, како што информира, да се обезбеди целосна и рамноправна вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта, кои прераснуваат во институции отворени и пристапни за сите деца и посветени кон обезбедување квалитетно образование.

Оттаму посочуваат дека освен програмата за стипендирање ученици со попреченост во почетните одделенија, како дел од проектот ќе се спроведат и следните активности: кампањи за подигање на свеста и промовирање на важноста на инклузивното образование, подобрување на капацитетите на вработените во основните училишта за градење инклузивни образовни средини.

Исто така ќе се подобрува поддршката и пристапноста до и во училиштата за учениците со попреченост, а ќе се обезбеди и туторска поддршка за ученици со попреченост вклучени во образовниот процес.

Проектот се имплементира во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието и ќе трае од 1 септември годинава до 31 август 2023 година. Финансиран е од Европската Унија.